Внимавајте, Грција воведува драконски казни и до 2.000 евра за прекршок со автомобил

За да ја подобри безбедноста на патиштата, Грција, омиленото летувалиште на Македонците, наскоро планира да промени одредени правила за возењето по грчките патишта.

Затоа секој што ќе патува ова лето во Грција, треба да знае дека за возење во пијана состојба може да плати сериозна парична казна, дури и да остане без возачката дозвола.

За новиот грчки Закон за сообраќај, со кој се воведуваат строги санкции за прекршоци поврзани со тешки сообраќајни несреќи, во тек е јавна расправа која ќе трае до 24 јануари.

Како што е најавено, возачите чие ниво на алкохол во крвта е меѓу 0,50 г/л и 0,80 г/л. ќе платат глоба од 150 евра и ќе ја изгубат и возачката дозвола на 20 дена. Дозволата се враќа само по истекот на тој рок и со доказ за плаќање на глобата.

За концентрација на алкохол од 0,80 г/л до 1,10 г/л казната е 700 евра, а возачката дозвола ќе биде одземена 90 дена. Во овој случај, прекршокот е класифициран како особено опасен за безбедноста на сообраќајот. Доколку концентрацијата на алкохол надмине 1,10 г/л, казната достигнува 1.200 евра, а возачката дозвола се одзема на 180 дена. Покрај тоа, возачот може да биде осуден на затворска казна од минимум два месеци, додека регистрацијата на возилото се отстранува за период од 10 дена до 6 месеци.

Законот уште предвидува дека секој што ќе го повтори прекршокот се соочува со уште построги санкции.

Доколку возачот по втор пат биде фатен во рок од една година како вози под дејство на алкохол, ќе биде казнет со 1.000 евра и ќе му биде одземена дозволата за 180 дена. Ако концентрацијата на алкохол во крвта е над 1,10 g/l при повторен прекршок, казната се зголемува на 2.000 евра, а лиценцата се одзема за две години. За трет прекршок во рок од пет години, возачот ја губи дозволата за седум години.

Во сите горенаведени случаи, возилото ќе биде одземено и складирано, што дополнително ја усложнува ситуацијата за прекршителите. Со овие мерки Грција сака да го намали бројот на несреќи предизвикани од возење под дејство на алкохол и да ја зголеми безбедноста на патиштата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни