Доколку планирате патување во Србија за време на викендот, бидете особено внимателни поради појавата на таканаречена „ледена дождовница“, односно зголемен ризик од голомразица на патиштата низ целата земја.
Јавното претпријатие „Патишта на Србија“ апелира до сите учесници во сообраќајот да бидат максимално претпазливи, бидејќи според најавите на Хидрометеоролошкиот завод, во ноќта меѓу сабота и недела, на 3 и 4 јануари, се очекува дожд кој ќе замрзнува при допир со тлото. Во северните и источните делови на Србија се најавуваат и снежни врнежи.
„Апелираме до возачите, без итна потреба, да не тргнуваат на пат. Доколку сепак патуваат, задолжително да имаат зимска опрема и ланци и строго да ги почитуваат ограничувањата на брзината“, се наведува во соопштението на ЈП „Патишта на Србија“, пренесува Танјуг.
Од претпријатието додаваат дека целата расположлива механизација е ангажирана 24 часа, а патните екипи се во постојана подготвеност за интервенции со цел безбедно одвивање на сообраќајот.
