Внимание прашува: „Дали на Скопје му требаат уште клубови и дискотеки или доста ни се овие што ги имаме?“ А еве што кажуваат граѓаните: „Уште, малце се“, „Треба да имаме многу повеќе, сега немаме ништо“, „Треба уште, но да бидат многу подобри од тие што ги имаме до сега…“, „Требаат клубови, дискотеки, ама кои што ќе имаат тематика, кои што ќе бидат поразлични, како што било порано…“, „Јас мислам се доволни, и предоволни“, „Поише му фали културен живот, отколку што му фалат ноќни клубови“, „Сметам дека се доволно и овие што ги имаме, се додека работат“…
На прашањето, „Што е подобро? Заглавувањата по диска до 5 сабајле или дневни журки?“, повеќето од испитаници се одлучија за дневни журки. Меѓутоа, има и различни мислења: „Па, и тоа и тоа е потребно, во петок е интересно после работа дневна журка, ама и да има кај да се продолжи, ако се заглави.“ . Помладите претпочитаат заглавување до 5 сабајле: „Главењето до 5 сабајле е најубо нешто, никој не знае кај си, со кој си, само тие што си со нив, и тогаш најинтересните работи се случуваат“, „За нас младите, се разбира, поубаво е така некои бесни журки до 5 сабајле, да се остане, па после да се отиде до Силбо, да се земе некој ѓеврек“.
На прашањето „На која возраст треба да се престане да се излегува по клубови?“, граѓаните даваат различни одговори: „После 26-тата, пензија…“, „Нешто испод 30 години, 27-28 години…“, „Па, јас би рекла 30“, „45-50“, „да се престане? – Не, зошто? Ако особата си се осеќа во ред, зошто да се престане?“
На прашањето, „Што ви паѓа на ум кога во клуб ќе видите повозрасна личност (50 години да речеме) како се забавува на подиум?“, граѓаните велат: „Не е тоа добро“, „Па добро, смешно малце…“, „На нешто е ликот…“, „Сака да се врати во младоста што ја изгубил“, „За мене тоа би значело дека човекот сеуште го нема пронајдено својот пат“, „Секоја чест, зашто ова го нема у Скопје, ова на Скопје му фали, луѓе кои не се замараат со годините, туку едноставно го живеат животот“, „Па, тоа за мене е една многу убава и позитивна слика, зашто забавата не треба да познава возраст, и е многу фино тука кај нас за промена да видиш некој што излегува и се забавува, наместо да седи дома и да гледа турски серии“.