„Внимание“ ги праша граѓаните: „По трагедијата во Кочани, се чувствувате ли безбедни во Македонија?“ Сите граѓани едногласно укажаа дека не се чувствуваат безбедни: „Никогаш не сме биле баш безбедни, како што треба“, „Мислам дека ние одамна не се чувствуваме безбедни во државата“, „Мислам дека воопшто никој од нас не се чувствува безбеден“, велат граѓаните.
На прашањето, „Што мислите, дали јавните објекти, каде што се собираат младите и граѓаните, се безбедни од пожари и катастрофи?“, граѓаните кажаа: „Мислам дека не се безбедни. Пола од хидрантите не функционираат, нема исто така опрема за гаснење на пожар“, „Ајде да речам дека се надевам барем за спортските сали дека се побезбедни, а за клубовите и по вестите што излегоа дека повеќето се несоодветни за функционирање, а за студентските домови пак воопшто, одамна не се реновирани и обновени“.
Ги прашавме граѓаните и „Дали се чувствуваате виновни, или вината има име и презиме?“, Еве што ни кажаа: „Секако дека конкретната вина за конкретни случаи има име и презиме, меѓутоа, и ние сме виновни што сме молчеле…“, „Дека треба да се најде име и презиме, дефинитивно, затоа што не е само некого да поставиш некаде и да си зема плата…“, „Многу, многу гнилост се крие под сето тоа.“
На прашањето „Ги поддржувате ли младите кои на јавни собири гласно бараат одговорност – или пак сега е време за молчење?“, граѓаните рекоа: „Секогаш треба да се поддржуваат младите, тие се иднината на нашата држава, на нашето општество, нивниот глас е многу вреден, и колку што можеме сите да се собереме на тие масовни протести“, „Ги поддржувам младите, да, и сметам дека не треба ова да заврши за три дена… не сум за молк, треба да трае ова многу повеќе“, „Кога бев на мирен протест, тоа беше многу тажно, бидејќи сочувствувам со сите тие луѓе, бидејќи јас сум од Кочани“, „Ги поддржувам со оние нивни оправдани барања, за решавање на случаите што постоеле, за нивна безбедност“, „Да, соодветно е да се даде одреден простор на молчење и на тажење, но потоа да се преземат и соодветните акции, иницијативи за промена, и за искажување на таа другата страна, што е гневна и бара одговори“, „Апсолутно ги поддржувам, и повеќе треба од ова што е, и добро е што постојат млади што се кренаа и се бунтуваат против тоа што не чини во државава“.