Во најновата анкета на „Внимание“, истражуваме што мислат граѓаните, зошто има рекорден прилив од туризмот во Македонија од речиси 600 милиони долари.
На прашањето, зошто расте бројот на туристи, што најмногу им се допаѓа тука на странците, граѓаните велат: „мислам дека сме гостопримлив народ“, „евтино е“, „фактот што не е баш прескапо“, „храната, сакаат да се дебелеат за евтини пари“, „заради јадењето, убави домашни јадења, кога ќе седниш да јадиш, душата да ти се наполни“…
„Вниманиe“ ги праша граѓаните – Кога вие би биле туристички водич што би им препорачале на странците? Што да пробаат од храна? Што да посетат? Според граѓаните, тавче-гравче, ајвар и ќебапчиња се најспомнувани одговори за храна, но и „суџуче“, полнети пиперки, мусака, симит погача, бурек, турлитава, пастрмајлија, бургери, ѓомлезе…
Во однос на места, најспомнуван е Охрид, но и Скопје со Чаршијата и Матка, Битола со Хераклеја, Кокино, Куклица, Маврово, Крушево… Граѓаните даваат убедливи одговори и на прашањето кој вид на туризам треба посебно да го развиваме – градскиот, селскиот, планинскиот, езерскиот, манастирскиот?
На најтешкото прашање – да сте вие министер за туризам, што ќе направите за да привлечете повеќе туристи и за да им направите тука да си поминат најдобро? – граѓаните велат – „Би го легализирал канабисот“, „патиштата, дефинитивно“, „да го исчистат Вардар и да одиме со бродови до Грција“, „би обезбедил некои уникатни искуства, нешто што може да го види тука, а тешко ќе го види на друго место“, а повеќето би обезбедиле и подобро рекламирање на нашите туристички дестинации, особено на социјалните мрежи. Повеќето граѓани сметаа дека со легализација на канабисот би се привлекле уште повеќе туристи во Македонија: „Би рекол многу туристи ќе има од тоа, а пред се ќе има многу пари“, вели еден граѓанин.
Анкетата „Внимание, внимание – зборуваат граѓаните“, се емитува на каналите на „Трн“ (на Фејсбук, YouTube, и на Инстаграм) и нејзината цел е да се чуе гласот на граѓаните, посебно на младите. Гласот на граѓаните нѝ го претставува актерот Дениз Абдула, а продукцијата е на „Трн.мк“.