Во новата епизода на „Внимание“ разговараме со граѓаните за користењето на мобилните телефони во училиштата, но и додека возиме.
Граѓаните се за ограничување на користењето на мобилните телефони во училиштата, бидејќи го одземаат вниманието од децата, а некои одат дотаму да и бараат целосно забранување на мобилни телефони во училишните клупи. „Часот да биде без мобилни телефони, да се укинат и да си тече наставата како на времето што си беше“ вели една граѓанка.
На прашањето како ќе изгледаат часовите во училиште за 20 години и дали учениците ќе носат мобилни или некакви други уреди, граѓаните велат дека технологијата брзо се развива и дека дотогаш ќе се развие и вештачката интелигенција. „Ќе има вештачка интелигенција која можеби ќе биде вградена во главата на човекот, во раката или во наочарите. Нема да постојат мобилни телефони, ќе постои некоја понапредна технологија“ вели еден граѓнин.
Речиси сите скопјани кои ги прашавме се за строги казни за користењето на мобилен телефон при возење, бидејќи, исто како и за учениците, тие го одземаат вниманието од патот. „Одземање на возачките треба“ беше јасна една испитаничка.
На прашањето „Дали паметните телефони нѐ прават попаметни или пак поглуп(ав)и, позависни и поосамени?“ граѓаните одговорија: „Зависи кој како, ако си паметен за да те направи попаметен, ќе те направи“, „Позависни, поосамени, попрости“, „Поосамени, зависни, се најлошо“…
Анкетата „Внимание – зборуваат граѓаните“, се емитува на каналите на „Трн“ (на Фејсбук, YouTube, и на Инстаграм) и нејзината цел е да се чуе гласот на граѓаните, посебно на младите. Гласот на граѓаните го предизвикува артистот Дениз Абдула, во продукција на „Трн.мк“.