Владата донесе одлука за спроведување вонредни контроли во сите правни лица и објекти што поседуваат лиценца за одгледување и производство на канабис за медицински цели.
Како што информираше владината портпаролка Венера Азизи, надлежните институции се задолжени во рамки на своите овластувања да ги преземат сите законски мерки и активности и да извршат темелни проверки на целата територија на државата. Во рок од 45 дена тие треба да достават извештај до Владата за утврдената состојба.
Истовремено, ќе бидат именувани и членовите на меѓуресорската државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги. Според Азизи, комисијата, формирана во 2017 година, досега не била активна и не покажала конкретни резултати, поради што во иднина ќе се бараат редовни извештаи за нејзината работа.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно најави дека ќе се формира посебна комисија и тим кои детално ќе го испитаат работењето на сите субјекти што се занимаваат со оваа дејност.
„Комисијата ќе ја утврди фактичката состојба – кои правни субјекти работеле согласно законот, а кои го злоупотребиле или го изиграле“, изјави Мицкоски.
Со најавените мерки, Владата испраќа порака за засилен надзор и контрола во секторот за медицински канабис, кој последниве години бележи значителен раст, но и контроверзии.
