Владата на Израел го ратификуваше договорот за прекин на огнот со Хамас

Израелската влада го ратификуваше договорот за примирје со Хамас. Војната во Газа, која траеше две години и однесе над 67.000 животи, може да заврши за 24 часа. Следи ослободување на заложници и повлекување на трупите.

Израелската влада денес го ратификуваше договорот за примирје и размена на заложници, со што се отвора пат за запирање на непријателствата во Појасот Газа во рок од 24 часа.

Договорот беше одобрен рано утрово, 24 часа по објавата на посредниците за договор кој предвидува размена на израелски заложници за палестински затвореници и започнување на фазно повлекување на израелската армија од Газа – како дел од иницијативата на американскиот претседател Доналд Трамп за завршување на двегодишната војна, јавува Ројтерс.

Кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху објави на социјалната мрежа X дека владата го одобрила рамковниот договор за ослободување на сите заложници.

„Владата штотуку го одобри рамковниот договор за ослободување на сите заложници – и живи и мртви“, се наведува во објавата.

Израелците и Палестинците заеднички го прославија објавувањето на договорот – најголемиот чекор кон крај на двегодишниот конфликт во кој загинаа повеќе од 67.000 Палестинци, а воедно се очекува и враќање на последните заложници киднапирани од Хамас во нападите со кои започнаа борбите.

Прогонетиот лидер на Хамас во Газа, Халил ел-Хаја, изјави дека добил гаранции од САД и други посредници дека „војната е завршена“.

Ројтерс јавува дека израелските сили започнале повлекување од делови на Газа, иако сè уште има пукање и тензии во некои области.

Прекинот на огнот треба да стапи на сила во рок од 24 часа по ратификацијата на договорот, а заложниците треба да бидат ослободени во рок од 72 часа.

Се верува дека 20 израелски заложници сè уште се живи во Газа, 26 се сметаат за мртви, а судбината на уште двајца е непозната.

Договорот предвидува ослободување на израелските заложници во замена за палестински затвореници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни