Се урива „Вјесник“: симболот на Загреб заминува во историјата по пожарот

Комплексот „Вјесник“ во Загреб, еден од најпрепознатливите симболи на градот, влегува во завршна фаза на уривање по пожарот што ја оштети зградата минатата година.

Еден од најпознатите објекти во Загреб почнува да исчезнува од градската мапа. Започна нова фаза од уривањето на комплексот „Вјесник“, откако пожарот во ноември ја направи зградата небезбедна за користење.

Според хрватското Министерство за просторно планирање, градежништво и државен имот, во тек е отстранување на северните конзоли до седмиот кат, со цел да се растовари конструкцијата и да се овозможи пристап за тешката механизација.

Во следната фаза се очекува целосно уривање на облакодерот.

Зградата „Вјесник“, висока 67 метри со 16 ката, се наоѓаше на една од најфреквентните крстосници во градот – Савска цеста и Славонска авенија. Изградена е во 1972 година според проект на архитектот Антун Улрих и во своето време важела за еден од најмодерните објекти во Европа.

Објектот со децении беше центар на новинарството во Хрватска. Во него беа сместени редакции, канцеларии, печатница и дистрибутивен центар на весникот „Вјесник“, кој имаше значајна улога во медиумската историја на земјата.

Со неговото уривање, Загреб губи уште еден дел од своето урбано и културно наследство, а просторот останува отворен за нови урбанистички решенија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни