Скопје денес е град кој тоне во проблеми од секаков вид. Архитектонскиот хаос и изгубениот урбан идентитет за кој од 1963 наваму се сонуваше, сега се далеку од реалност. Кога се размислува за некои од луѓето визионери, кои со својата работа се посветија на проектирањето подобар и похуман град за сите, невозможно е да се одмине архитектот Живко Поповски.
Поповски со својата работа остави траен белег за сонот за подобар град, на кој секогаш ќе се сеќаваме преку Градскиот трговски центар, но и многу повеќе од тоа. Тој беше еден од архитектите кои утопијата ја носеа во сегашноста токму преку истражувањето модели, простори и објекти за подобар живот. Преку неговата работа во обновата на Скопје по земјотресот, градот доби уште еден пријател кој не само што длабоко емпатизира со него преку неговата болка, туку активно работеше за градот.

Поповски беше архитект и професор на Архитектонскиот факултет во Скопје, роден во 1934 година. Во неговата плодна дејност тој беше најмногу препознаен преку: Градскиот трговски центар во Скопје, Домот на пензионерите во Охрид, реконструираниот Дом на културата „Григор Прличев“ во Охрид и многу други, кои направија да биде препознаен како особено значаен за развојот на современата архитектура во земјава.

Преку неговата работа градеше специфичен и истовремено ненаметлив однос на поединецот и околината со која функционира во симбиоза. Набљудувајќи ја архитектурата и градењето воопшто како минато, но и иднина, преку неговата работа зборуваа можностите и потенцијалот на користењето на градењето и слободата за правилен развој на заедницата.

Вчеравечер во Скопје беше отворена изложбата ,,ЖИВКО ПОПОВСКИ Живот посветен на архитектурата“ како сеопфатна презентација на делото на архитектот Поповски, еден од најважните современи архитекти во Македонија. Таа не само што во јавноста повторно ја отвора дискусијата за неговата работа и важност за градот, туку и односот кон архитектонското наследство на Скопје и земјава, иднината преку нашата грижа за просторот и објектите кои се неизоставен дел од нашето постоење.

Преку оваа сеопфатна репрезентација на неговото дело, посетителите можеа да видат голем број цртежи, видеа, фотографии и проекти од приватната архива преку што се осветли неговиот долгогодишен опус преку работата на проф. д-р Анета Христова Поповска и проф.д-р Мери Батакоја
Архитектот Живко Поповски останува врежан во мемориите на скопската историја како човек кој не само што професионално придонесуваше за градењето на модерно Скопје, туку и културолошки ги ширеше неговите димензии и ја докажуваше неговата искрена посветеност за градот преку неговата работа. Поповски покажуваше како релацијата на граѓанинот и критчкиот однос кон градот во кој живее се од суштинско значење за воопшто да се размислува конструктивно за подобро Скопје еден ден, кое сакаме да го живееме сите.