Македонија беше погодена од најголемата трагедија во нејзината понова историја, кога ужасниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани го однесе животот на многу млади луѓе. Сепак, во овие тажни моменти, сјае светлина на храброст и хуманост преку хероите што без размислување се жртвуваа за да ги спасат другите.
Тројца од нив, Иле Гоцевски, Јован Костадинов и Павел Христов станаа симболи на храброста и саможртвата, кои ќе останат врежани во срцата на македонските граѓани.

Иле Гоцевски, возач на Итна помош од Кочани, работел неуморно на денот на трагедијата, поминувајќи повеќе од 32 часа во спасување на повредените. По толку многу часови на напорна работа, кога се враќал дома да се одмори, неговото срце престанало да чука. Поради неговиот беспрекорен труд, многу луѓе се збогуваа со него како со херој. Сите што го познаваа го опишуваат како човек кој секогаш беше тука кога треба, човек што не знаеше да каже не. Неговата смрт остави празнина, но неговите дела ќе останат вечни. За неговиот херојски подвиг, дури и министерот Арбен Таравари изрази почит и најави постхумно одликување.

На истиот ден, Јован Костадинов, 19-годишен младик од Виница, покажал неверојатна храброст. Иако не бил присутен во дискотеката кога избувнал пожарот, кога дознал за трагедијата, без двоумење се впуштил во опасноста. Со помош на најблиската вода, успеал да влезе и да спаси повеќе од 20 луѓе, вклучувајќи и деца. Неговата акција не се заборави – тој стана херој што не само што го спасил животот на многумина, туку и им донел надеж во најтемните моменти. Меѓу спасените беше и момче чие мајка го опишала хероизмот на Јован со зборовите: „Ти го спаси животот на моето дете, и ќе останеш засекогаш во нашите срца.“

Павел Христов (роден 2004 г.) ќе остане запаметен како еден од најголемите херои од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Иако не беше веднаш споменат, Павел четири пати влегувал во запалениот локал, враќајќи се по своите врсници за да ги извлече – да спаси животи.
„Во целиот хаос, не се заштитил себеси. Преовладувала неговата хуманост. Не размислуваше што може да му се случи“, сведочат неговите другари – со глас што трепери од болка и гордост. Неговата мајка раскажува за несебичноста и духот на Павел, кој одлучил да се бори за другите – дури и по цена на својот живот. Во време на тага, недоверба и загуба, Павел е светлина. Не чекал инструкции. Не барал ништо. Само реагирал – човечки, храбро, херојски.
Тие тројца млади херои, Иле, Јован и Павел не само што го спасиле животот на многу луѓе, туку и ја покажале вистинската хуманост, која и во најтешките моменти може да победи над сите тешкотии. Тие не се премислуваа за опасноста, не размислуваа за себеси, туку само за другиот. Хероите како нив потсетуваат дека и во најголемите трагедии, има место за храброст, добрина и љубов. Македонците никогаш нема да ги заборават нивните дела, затоа што таквите херои никогаш не умираат.
Во нашето општество и претходно постојеа индивидуи чии дела и посветеност кон заедницата се вистинска инспирација за сите нас. Нивната хуманост и несебичност го осветлуваат патот кон подобро утре. Еве неколку од тие херои кои со своите постапки нè мотивираат:
Борче Стаменов и иницијативата „Донирај компјутер“

Борче Стаменов од Кавадарци е основач на хуманитарната иницијатива „Донирај компјутер“. Неговата мисија започна во 2016 година со цел секое семејство во Македонија да има барем еден компјутер, гледајќи го како неопходна алатка за учење, а не луксуз. Досега, преку оваа иницијатива се донирани над 2.225 компјутери на социјално загрозени семејства и опремени се кабинети во околу 20 училишта низ државата. Стаменов и неговиот тим волонтери неуморно работат на собирање, поправка и дистрибуција на компјутери, со што директно придонесуваат за подобрување на образованието и дигиталната писменост во земјата.
Денис Јанкуловски – хуманитарец од времето на пандемијата

За време на пандемијата со КОВИД-19, Денис Јанкуловски се истакна како несебичен хуманитарец, помагајќи на сите кои имаа потреба. Неговата посветеност и ангажман во најтешките моменти за заедницата се пример за вистинска солидарност и човечност.
Граѓанската иницијатива „Ретвитни оброк“

„Ретвитни оброк“ е граѓанска иницијатива која обединува волонтери со цел да подготвуваат и дистрибуираат оброци за сиромашните и бездомните лица. Оваа самоиницијативна акција покажува како солидарноста и заедничката работа можат да донесат конкретни промени во животите на оние на кои им е најпотребно.
Локални херои кои прават разлика
Покрај овие познати иницијативи, постојат и многу локални херои чија добрина и посветеност заслужуваат признание:

Далибор, пиљарот од Тафталиџе – познат по тоа што редовно донира свежо овошје и зеленчук на семејства во потреба, покажувајќи дека и малите гестови можат да имаат големо значење.

Трајче, сопственик на игротека во скопско Ѓорче Петров – овозможува деца од социјално загрозени семејства да ги прослават своите родендени во неговата игротека без надомест, носејќи радост и насмевки на многу детски лица.
Јордан, стоматолог – познат по тоа што бесплатно обезбедува стоматолошки услуги за деца без родители, придонесувајќи за нивното здравје и благосостојба.
Пекарата „Brioche Artisan Bakery“ – младата претприемачка од оваа пекара редовно одвојува дел од произведената храна за да ја донира на децата кои го посетуваат Центарот за ран детски развој „Надеж“, покажувајќи дека бизнисите можат активно да придонесуваат за заедницата.
Овие херои нè потсетуваат дека секој од нас може да направи разлика. Нивните дела се повик за сите нас да се вклучиме, да помагаме и да ја градиме заедницата во која живееме. Нека нивните приказни бидат инспирација за сите нас да делуваме хумано и солидарно.
Хероите се нераскинлива симболика на секоја современа држава, општество и нација. Тие не се само легенди од минатото, туку и денес, хероите се присутни меѓу нас – во обичните луѓе, во нашите соседи, пријатели и блиски. Сепак, едно од најважните прашања што се поставува денес е: дали државата ги почитува и се грижи доволно за овие луѓе? Дали нивните дела добиваат признание и поддршка која ја заслужуваат?
И покрај тоа што хероите на нашето општество често ги препознаваме и ги славиме по нивните акти на храброст, многу често се наоѓаат во заборав. Државата, како главен организатор на вредности и заштитник на јавниот интерес, не секогаш им дава адекватно внимание на своите херои. Ги прочитавте приказните на луѓето кои ги ризикуваат своите животи за спасување на другите, а кои по трагични настани се оставени на самите себе, без вистинска поддршка од институциите. Или пак, хероите чии што дела предизвикуваат позитивни промени во заедницата, но не се наградени со вистински признанија и внимание, кое им е потребно за да продолжат да бидат пример за следните генерации.
Делата на хероите влијаат на заедницата и вршат промена на свеста на останатите. Тие не само што спасуваат животи, туку и ја поттикнуваат моралната и етичката свест на сите нас. Тие ја будат човечноста и ја поттикнуваат солидарноста, која е клучна за секое општество. Хероите се пример за тоа дека не се потребни титули и статуси, туку само храброст и посветеност за да се создадат вистински промени во заедницата. Но, ако државата не ги препознае и не ги награди овие акти, како може да се очекува дека на останатите ќе им биде дозволено да следат таков пример?
За жал, често се случува хероите да бидат заборавени кога најмногу им треба поддршка. Државата треба да вложи многу повеќе во тоа да им обезбеди имунитет – финансиски, емоционален и правен – за да ги поддржи и да ги охрабри да продолжат да бидат тие светли примери на хуманост и храброст. Хероите не се само сведоштво за храброст, тие се и аларм за тоа какво општество сакаме да изградиме.
Можеби е време државата да го промени својот став кон хероите, да ја препознае важноста на нивните дела и да обезбеди систем кој ќе го награди нивниот непроценлив придонес, за да може секој од нас да продолжи да се стреми кон подобро, похумано општество.