Изминатата недела помина во знакот на вистинска зима, со изразено студено време и чести промени на временските услови во поголем дел од Македонија и регионот. Доминираа ниски температури, студени утра со појава на мраз, додека дневните температури најчесто се движеа под или околу сезонскиот просек.
Во повеќе наврати беа регистрирани врнежи од снег, особено во внатрешноста и на повисоките места, каде локално се формираше и снежна покривка. Во пониските предели, врнежите повремено преминуваа во дожд или лапавица, во зависност од температурните услови.
Според моменталните атмосферски поставености, кон крајот на јануари, околу 30-ти, постојат услови за задржување и дополнително продлабочување на студен воздушен базен над југоисточна и источна Европа, кој директно ќе влијае и врз Балканот. Ова би можело да значи дека врнежите ќе бидат претежно од снег, не само на планините, туку и во пониските и рамничарските предели, со можност за снежна покривка во повеќето места.
Сибирски температури по 20 јануари?
Од овој викенд, Македонија влегува во нов ладен период, со повторен пад на температурите и појава на мраз, особено во ноќните и утринските часови. Ладниот бран кој ќе продре од исток и североисток повремено ќе условува слаби и локални врнежи, кои постепено ќе преминуваат во снег, вклучително и во градските средини. Засега не се очекува формирање на значителна снежна покривка.
Она што особено се следи е можноста од 20 јануари па натаму Европа и Балканот повторно да бидат зафатени од силна „сибирска експлозија“, потенцијално посилна од претходната. Доколку се оствари ова сценарио, можно е екстремно студено време со дневни температури под нулата, а во утринските и ноќните часови во делови од Европа и Балканот температурите би можеле да се спуштат и под -25°C.
Според моменталните анализи, и покрај екстремниот студ, не се очекуваат обилни снежни врнежи доколку ваквиот сибирски бран навистина се реализира.
