Презентирани резултатите за квалитетот на внатрешниот воздух во пет училишта и пет градинки  во Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга

Високите концентрации на суспендирани честички се најсериозен загадувач на внатрешниот воздух во училиштата и градинките

Стручните сознанија покажуваат дека загадениот воздух најмногу ги засега ранливите групи граѓани, како децата, повозрасните лица и бремените жени. Според податоците од Институтот за јавно здравје, за дел од смртни случаи причина бил загадениот воздух. Ова се показатели за неопходноста од мерки во секој надлежен ресор и институција, со цел заеднички да придонесеме кон подобрување на квалитетот на воздухот

Системи за вентилација и за филтрација на воздухот, носење посебни обувки и облека наменети за употреба во внатрешниот простор, редовно чистење и мокро пребришување на површините. Ова се дел од мерките за подобрување на квалитет на воздухот во образовните установи кои произлегоа од едногодишното мерење на квалитетот на воздухот во градинки и училишта во Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга.

Студијата, која што е изработена од лабораторијата Амбикон при Универзитетот Гоце Делчев од Штип, е спроведена според методологија дефинирана во согласност со препораките на Светската здравствена организација (СЗО) и локалните специфики за квалитетот на воздухот.

Образовните установи во кои се вршени мерењата се: ООУ „Никола Вапцаров“ и детската градинка „Детска радост“ Клон 6 во Струмица, ООУ „Тоде Хаџи Тефов“ и детската градинка „Рада Поцева“ – Гроздоберче во Кавадарци, ООУ „Браќа Миладиновци“ и детската градинка „Кокиче“ во Куманово, ООУ „Гоце Делчев“ и детската градинка „Цвеќе“во Гостивар, ООУ „Браќа Миладиновци“ и детската градинка „8 Март“ во Струга.

Шведската амбасадорка Ами Ларсон Џејн, изјави дека со поддршка на УНДП, Шведска им помага на општините да подготват планови за подобрување на квалитетот на воздухот, на основа на истражувањето. „Општините Кавадарци, Струмица, Гостивар, Куманово и Струга покажаа дека ја разбираат релевантноста на задачата и заедно вложија скоро еден милион евра за поддршка на мерките за подобрување на квалитетот на воздухот. Но, општините не можат сами да ја водат оваа битка, решавањето на загадувањето на воздухот бара вклученост на целото општество.“

Армен Григорјан, Постојаниот претставник на УНДП рече дека со финансиска поддршка од Шведска и во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, УНДП работи за подобрување на квалитетот на воздухот од 2020 година. „Денеска сме тука да видиме како можеме да го следиме и подобриме квалитетот на воздухот во затворените простории во образовните институции што влијае на децата. Добиените информации се од клучно значење за креаторите на политиките да донесат информирани одлуки кои ефикасно ги решаваат прашањата за квалитетот на воздухот.“

„Слично како и кај надворешниот воздух, високите концентрации на суспендирани честички се веројатно најсериозен загадувач на внатрешниот воздух во училиштата и градинките. Сепак, концентрациите на суспендирани честички драстично се разликуваат во различните годишни сезони. Од друга страна пак, просечните концентрации на другите загадувачки материи, вклучени во истражувањето, како гасовите јаглерод моноксид, јаглерод диоксид и формалдехид, речиси без исклучок се во рамките на препорачаните вредности, па микробиолошката чистота на воздухот може да се оцени како генерално прифатлива.“ изјави проф. Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“.

На панел дискусијата учествуваа и министерката за образование Весна Јаневска, министерот за здравство Арбен Таравари, Ѓоко Велковски, заменик министер за социјална политика, демографија и млади.

„Стручните сознанија покажуваат дека загадениот воздух најмногу ги засега ранливите групи граѓани, како децата, повозрасните лица и бремените жени. Според податоците од Институтот за јавно здравје, за дел од смртни случаи причина бил загадениот воздух. Ова се показатели за неопходноста од мерки во секој надлежен ресор и институција, со цел заеднички да придонесеме кон подобрување на квалитетот на воздухот“, изјави Таравари.

„Квалитетот на воздухот во просториите на градинките и училиштата влијае врз физичкото и менталното здравје на децата и младите, врз нивните когнитивни функции и продуктивноста, како и на ефективноста на професорите. Затоа сите реконструкции и нови градби кои ги одобрува Министерството за образование и наука, задолжително се енергетски ефикасни, со што се намалуват емисиите на штетни гасови и се заштитува животната средина“, изјави министерката за образование Весна Јаневска.

Според Велковски, само со вклучување на сите чинители може да се постигнат резултати во борбата со загадувањето на воздухот. „Проблемот треба да го гледаме и пошироко, дури и глобално, со цел да се најдат посеопфатни решенија“, рече Велковски.  

Настанот се организира во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, што го спроведува УНДП во партнерство со Министерство за животна средина и просторно планирање, како и општините Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга.

Проектот е дел од Рамковната програма на УНДП, којашто е финансирана од Шведска, а го вклучува и проектот „Јакнење на општинските капацитет за имплементација на проекти.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни