Грипот е една од најчестите вирусни инфекции што секоја година ги погодува луѓето ширум светот. Иако многумина го доживуваат како „посилна настинка“, во реалноста станува збор за сериозна болест која може да предизвика компликации, хоспитализација, па дури и смртен исход, особено кај лица со хронични заболувања, постари лица и мали деца.
Вирусите што го предизвикуваат грипот се нарекуваат инфлуенца вируси, а постојат три главни типа: А, Б и Ц. За сезонскиот грип најважни се типовите А и Б.
Тип А е најопасен бидејќи може брзо да мутира, да се пренесува меѓу луѓе и животни и е одговорен за најтешките пандемии во историјата, како што се шпанскиот грип (1918) и свинскиот грип (2009). Познати подтипови се H1N1 и H3N2.
Тип Б предизвикува полесна клиничка слика и се јавува исклучиво кај луѓе. Генетски е постабилен од типот А, но може да предизвика значајни епидемии, особено кај деца. Се дели на две линии: B/Yamagata и B/Victoria.
И двата типа можат да бидат опасни за деца под пет години, возрасни над 65 години, трудници и лица со хронични болести како дијабетес, астма и срцеви заболувања.
Грипот е исклучително заразен и најчесто се пренесува преку ситни капки во воздухот кои ги исфрла заразената личност при кашлање, кивање или говорење. Ако се наоѓате во близина, особено на растојание помало од два метра, лесно можете да се заразите. Вирусот може да опстане на површини неколку часа, а понекогаш и цел ден, па затоа кваките, телефоните и тастатурите често претставуваат жаришта на зараза. Дополнителна опасност е што заразената личност може да го шири вирусот еден ден пред да се појават симптомите, но дури и до седум дена по разболувањето.
За разлика од обичната настинка која се развива постепено, грипот започнува нагло – со висока температура (38–40°C), треска и силна болка во мускулите и зглобовите. Пациентите често опишуваат чувство како да биле „истепани“. Покрај тоа, се јавуваат исцрпеност, сув и упорен кашел, главоболка, болка зад очите, болки во грлото и затнат нос, а кај деца и стомачни тегоби како мачнина и повраќање.
Повеќето луѓе ја прележуваат инфекцијата дома со одмор и доволно течности, но кај некои може да дојде до тешки компликации како пневмонија, бронхитис, воспаление на синусите или увото, па дури и срцеви и невролошки воспаленија. Најсериозен предупредувачки знак е отежнатото дишење, болка во градите, висока температура што не спаѓа, или силен замор.
Најдобрата заштита е годишната вакцинација против грип, препорачана за сите лица постари од шест месеци. Вакцината се прилагодува секоја година според очекуваните соеви вируси. Дополнително, ризикот се намалува со: редовно миење раце најмалку 20 секунди, избегнување допирање на лицето со нечисти раце, носење маска во затворени простори, проветрување на просториите и одржување дистанца од болни лица.
Во случај на симптоми, најдобро е да се остане дома, да се одмора и внесува доволно течност, а во консултација со лекар може да се применат антивирусни лекови за да се скрати траењето и намали ризикот од компликации.