Вински салон денеска по шести пат се одржа во Кавадарци, во организација на Македонските семејни винарии. На винскиот салон беше истакнато дека заедничката цел на сите мали семејни винарии е да го промовираат квалитетното македонско вино и останатите производи од грозје на домашниот и светскиот пазар.
Исто така, на винскиот сало беше нагласено дека континуирано се зголемува бројот на членови. Посочено беше сега се околу 63 винарии, регистрирани по новиот Закон за мали семејни винарии, кои освојуваат награди на винските натпревари ширум светот.
Благодарност за поддршката беше изразена до градоначалникот Митко Јанчев и локалната самоуправа, како и до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и Министерството за поддршката од 10.000 евра неповратни средства за секоја новоотворена мала семејна винарија.
Доделени беа и награди за најдобрите вина кои беа оценети од страна на здружението „Винари’’ енолози од Македонија, кои направија оценување на над 250 етикети.
Најдобро вино од индивидуални производители е прогласена „смедеревка” на Борче Пеовски. Најдобро бело вино „смедеревка” на Стојан Илиев, а најдобро розе вино „розе станушина” од семејната винарија „Јаковлевски”. Најдобро црвено вино избрано е „вранец дарк хорс” од вински подрум Попови. За најдобро вино на настанот беше прогласено „шардоне” на семејна винарија „Налеј”.
Пред присутните се обратија и претседателот на Македонските семејни винарии, Горан Јаковлевски и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
Извор: mia.mk