Под влијание на длабок циклонски систем со центар над Џеновскиот залив, кој ќе го опфати и нашиот дел од Европскиот континент, се формира голем влажен бран. Тој за време на викендот ќе донесе обилни и поројни врнежи од дожд, локално над 30 литри на метар квадратен, особено ноќта кон недела и во недела, 15 февруари.
Локално, атмосферските процеси ќе бидат проследени со невреме, силен јужен ветер до 60 км/ч и грмежи. На високите планини во западните и северозападните предели со надморска височина од 1400-1500 метри ќе има снег.
Во Скопје и околината, се очекуваат повремено обилни врнежи од дожд и силен јужен и југоисточен ветер кој во делови ќе достигнува брзина од над 60 км/ч. Поради јужното воздушно струење, температурите ќе бидат над просекот, речиси насекаде над 10°C, а на повеќе места до околу 15°C. Во централните и југоисточните предели температурите ќе се искачат до близу 20°C.
Следната недела, почетокот ќе донесе нагло заладување, силен северен ветер и снег. Особено во вторник, 17 февруари, врнежите од дожд ќе преминат во снег во повеќето пониски места, а снежната покривка на планините и скијачките центри ќе се зголеми и прошири.