Седум студенти кои во текот на ноќта го блокирале Правниот факултет во Белград биле повредени во три одделни инциденти предизвикани од непознати лица, се наведува на Instagram профилот Студенти во блокада.
Според информациите, напаѓачите ги гаѓале студентите со стаклени и пластични шишиња.
„Една студентка беше турната по скалите и падна на глава. Таа, заедно со уште пет студенти од Правниот факултет, беше пренесена со возило на Итната помош до болница, каде што им беше укажана прва помош“, напишаа студентите.
По инцидентот, непознати лица пристигнале со возила за да ги отстранат доказите кај Правниот факултет.
Изјави од Итната помош
Како што изјавија од Итната помош, студентите поминале со полесни повреди.
„Според она што го видовме, студентите немаат значајни повреди. Немаа видливи траги на повреда. Вкупно беа седум лица“, изјави дежурниот лекар на Итната помош.
Барање за истрага
Студентите бараат одговорните лица што ги нападнале нивните колеги да бидат идентификувани и изведени пред лицето на правдата.
На видеото објавено на истиот Instagram профил, може да се види дека полицијата уапсила едно лице осомничено за учество во нападот.
https://twitter.com/i/status/1879008304019759453
„Според информациите што моментално ги имаме од сведоците, уапсено е само едно лице од вкупно шесте што учествуваа во синоќешниот напад врз студентите“, напишаа Студенти во блокада на платформата X.