Вежбањето како најмоќен сојузник во борбата со висок притисок

Сè повеќе научни докази потврдуваат дека движењето е еден од најефикасните начини за намалување на крвниот притисок.

Она што е особено интересно е дека ефектот од вежбањето не се гледа само по години редовна активност, туку може да се почувствува уште веднаш, преку феноменот познат како „пост-вежбачка хипотензија“.

Лекарите објаснуваат дека и десет минути физичка активност можат да го намалат систолниот притисок за околу пет милиметри живин столб. Причината е едноставна: крвните садови се шират, срцето полесно пумпа, а целото тело се релаксира. Со тек на време, редовното вежбање го прави срцето поиздржливо, ја подобрува циркулацијата и го намалува стресот – еден од главните непријатели на нормалниот притисок.

Но, не сите вежби делуваат исто. Истражувањата покажуваат дека најдобри резултати даваат изометриските вежби, како „седење“ до ѕид или држење на положба без движење. Тие можат да го намалат притисокот и до десет единици. Слично делуваат и аеробните активности – брзо одење, возење велосипед или пливање – кои го намалуваат притисокот за неколку единици и ја топат опасната маст околу органите.

Сè поголем број студии укажуваат и на придобивките од тренингот со тегови или сопствена тежина, како и од високоинтензивните интервални тренинзи (HIIT), кои комбинираат кратки изблици на енергија со паузи за одмор. Овие методи не само што го стабилизираат притисокот, туку и ја подобруваат кондицијата во многу пократко време.

Стручњаците препорачуваат возрасните да најдат барем два и пол часа неделно за умерена активност – како брзо одење – или половина од тоа за поинтензивни вежби. Најважно е редовноста, а не интензитетот: и 30 минути прошетка речиси секој ден може да има огромно влијание врз здравјето на срцето.

Лекарите сепак предупредуваат: оние кои долго не биле активни или земаат терапија за притисок треба да започнат полека и секогаш да се советуваат со специјалист. По секој тренинг се препорачува постепено смирување со лесно одење или истегнување, за да се избегне нагол пад на притисокот.

На крајот, пораката е едноставна – движењето е најдобриот природен лек. Кога ќе стане дел од секојдневието, вежбањето не само што го стабилизира притисокот, туку го зајакнува телото и го подобрува квалитетот на животот.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни