На пример, измамник може да се претстави како внук на жртвата и да тврди дека итно му се потребни пари. Постарите лица, кои можеби не се запознаени со новите технологии како вештачката интелигенција, се особено ранливи на ваквите измами, особено кога повикувачот звучи идентично како саканата личност. Телефонските броеви исто така можат да бидат фалсификувани за да изгледаат како броеви на познати контакти, што ја зголемува успешноста на ваквите измами.
Во 2023 година, според податоците на ФБИ, постарите граѓани во САД биле измамени за околу 3,4 милијарди долари преку различни финансиски измами. Агенцијата неодамна предупреди дека вештачката интелигенција ја зголемува „уверливоста“ на криминалните измами бидејќи „помага во креирање на содржини и ги коригира човечките грешки што инаку би можеле да бидат знак за предупредување.“
Овие измами, познати и како „измами со внуци“, често вклучуваат измамник кој се претставува како сакана личност на жртвата и тврди дека е во неволја или дека веднаш му се потребни пари за некаква итна ситуација.
„Голем дел од ова се базира на психологија и манипулација со лимбичкиот систем,“ изјави Чак Херин, директор за информатичка безбедност во компанијата F5, која работи на заштита од измами, за CBS MoneyWatch. „Тие кажуваат нешта што предизвикуваат емоционална реакција базирана на страв, бидејќи знаат дека кога луѓето се исплашени, стануваат нерационални и не донесуваат најдобри одлуки.“
Како да се заштитите?
Експертите за сајбер безбедност и официјалните претставници на органите на редот имаат едноставна, но ефективна препорака за да избегнете да станете жртва на вакви измами: создадете семејна „шифра“ и воспоставете протокол за проверка на идентитетот на член од семејството или сакана личност.
Ова подразбира избор на збор или фраза што не може лесно да се погоди. Според експертите, очигледни информации како имиња на улици, универзитети или други податоци што се лесно достапни на интернет не се препорачливи.
„Шифрата треба да биде уникатна и нешто што е тешко да се погоди,“ изјави Џејмс Скуби, главен директор за информациска безбедност во компанијата Keeper Security, за CBS MoneyWatch. „Не треба да вклучува ништо што може да се истражи на интернет за вас или вашето семејство. Избегнувајте имиња на улици, градови, телефонски броеви и индивидуални имиња како дел од шифрата.“
Тој додаде дека безбедносна фраза што се состои од најмалку четири збора нуди повисоко ниво на сигурност.
Проверка на идентитетот на повикувачот
Следењето на основна рутина, како што е користењето на семејната шифра, претставува добра прва линија на одбрана од измамници.
„Ова е масовна операција, нив не ги интересира вие, туку само ја користат вашата слабост за вакви напади. Се обидуваат да измамат илјадници луѓе што ги пронашле на dark web,“ изјави Чак Херин од F5 за CBS MoneyWatch. „Ако имате разумен пристап кон безбедноста, најверојатно ќе бидете во ред. Но, ако оставите прозорец отворен, ќе ви го украдат телевизорот,“ додаде тој, споредувајќи ги сајбер заканите со физичките ранливости.
Секогаш кога некој ќе ве замоли за финансиска помош, барајте од повикувачот да го потврди својот идентитет. Клучот е секогаш да побарате семејна шифра пред да испратите какви било пари.
„Семејните шифри можат да бидат многу корисна алатка ако се користат правилно,“ изјави Ева Веласкез, директорка на непрофитната организација Identity Theft Resource Center, која се занимава со безбедноста на идентитетите.
Веласкез даде пример за лажен внук кој ја повикува баба или дедо и вели нешто како: „Во затвор сум и ми треба помош, толку сум вознемирен што не можам да се сетам на нашата шифра.“ Во напнат или емотивен момент, жртвата може да биде склонa да ја открие шифрата на лицето во неволја, со што себеси се доведува во опасност.
„Верувам дека шифрите можат да бидат многу корисна алатка, но мора да им објасните на семејството како функционираат за да не ја откриете шифрата самите,“ рече таа. „Имавме неколку случаи каде жртвата прва ја кажала шифрата наместо да дозволи другата личност да ја каже.“