Венеција повторно под вода

Истражувањето на италијанските научници проценува дека делови од Венеција до 2150 година ќе бидат целосно поплавени

Улиците околу Гранд Канал во Венеција деновиве се поплавени поради зголемената плима. Како последица на тоа, вторпат од почетокот на годинава се активираше системот за одбрана од поплави МОСЕ.

И покрај бариерите, водата продолжува да поплавува делови од градот поради комбинацијата на низок притисок и силни југо-југоисточни ветрови коишто предизвикуваат зголемување на нивото на водата во лагуната.

Сепак, оваа појава не го расипа расположението на туристите, па ја искористија можноста да се прошетаат и да се фотографираат.

Во меѓувреме, прекинати се работите на насипите на бреговите на реката Канареџо поради покачувањето на нивото на водата и ќе продолжат кога ќе падне под 80 сантиметри.

Инаку, истражувањето на италијанските научници проценува дека делови од Венеција ќе бидат под вода до 2150 година. Студијата беше спроведена од Националниот институт за геофизика и вулканологија (INGV), а беа анализирани и податоците за нивото на плимата. Венеција со децении се бори со сè почести поплави. Во моментов, градот има систем на бариери во лагуната, во плитко затворен залив од 550 квадратни километри. Сепак, тоа нема да биде доволно бидејќи нивото на морето се зголемува. Како што утврдиле научниците, нивото на водата во лагуната се зголемува за околу половина сантиметар годишно.

Истражувачите го комбинираа ова со сателитски податоци за тонење на земјиштето од 2008 до 2023 година. Утврдено е дека одредени делови од градот ќе бидат целосно под вода до 2150 година.

Се проценува дека најпознатиот плоштад Свети Марко, ќе биде под 70 сантиметри вода. Прв на удар ќе биде западниот дел на градот, регион којшто најчесто бил поплавуван – дури 58 пати во периодот од 2019 до 2023 година.

Во обид да се заштити од поплави, Венеција на сите влезови во лагуната поставува систем на мобилни бариери MOSE. Портите се подигнуваат кога нивото на водата се зголемува. Сепак, тоа е сепак краткорочно решение.

Извештајот на Меѓувладиниот панел за климатски промени од 2021 година, предвидуваше регионално просечно зголемување на нивото на морето до 2100 година од 28 до 55 сантиметри во нивното најоптимистичко сценарио за глобалното затоплување и од 63 до 101 сантиметар во нивното најпесимистичко сценарио.

Како такви, мобилните бариери би морале да се поставуваат толку често што венецијанската пристанишна индустрија би пропаднала, а лагуната – која е „измиена“ од брановите би се претворила во ужасно мочуриште.

Наместо за бариери, група научници од областа на животната средина од Универзитетот во Падова се залагаат за поголема заштита на мочуриштата со сол во лагуната. Тие се клучни за заштита од поплави бидејќи делуваат како тампон зони кои го штитат градот од плимата и осеката и во исто време апсорбираат јаглерод.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни