Велика Британија ќе испрати експерти и специјализирана опрема во Белгија за да помогне во истрагата и спречувањето на инцидентите со непознати беспилотни летала, соопшти денес британската војска.
Дронови биле забележани минатата недела над белгиските аеродроми и воени бази, поради што привремено биле затворени неколку воздушни пристаништа, вклучувајќи ги оние во Брисел и Лиеж.
„Министерот за одбрана и јас минатиот петок се договоривме да испратиме наши луѓе и опрема во Белгија за поддршка,“ изјави шефот на британските вооружени сили Ричард Најтон за BBC, без да открие колку експерти се испраќаат и каква технологија ќе биде користена.
Инцидентите предизвикаа сомнежи за хибридно војување, бидејќи слични појави биле забележани и во други делови на Европа во изминатите месеци.
Најтон истакна дека засега не е познато кој стои зад дроновите, но потсети дека Русија претходно користела слични тактики. Москва, сепак, ги отфрла обвинувањата.
Поради леталата, во вторникот неколку авиони биле пренасочени од белгиските аеродроми, а во четвртокот биле привремено затворени аеродроми и во други европски земји, меѓу кои и Шведска.
Според Reuters, германскиот министер за одбрана во петокот го поврзал бранoт на дронски инциденти во Белгија со дебатата за користење на замрзнатата руска имовина како заем за Украина.