Обединето Кралство привремено го повлече својот дипломатски персонал од Иран поради влошената безбедносна состојба, соопшти Министерството за надворешни работи.
Британските власти информираа дека Амбасадата во Техеран ќе продолжи да функционира од далечина, а одлуката доаѓа во време на засилени регионални тензии. Истовремено, официјален Лондон повторно ги повика своите граѓани да не патуваат во Иран.
FCDO „советува против сите патувања во Иран“, нагласувајќи дека британските државјани кои веќе се наоѓаат таму треба внимателно да ги проценат ризиците од престојот.
Предупредување за апсења и притвори
Британските власти предупредија дека британските државјани, како и лицата со двојно британско-иранско државјанство, се соочуваат со значителен ризик од апсење или притвор. Како што наведуваат, „поседувањето британски пасош или поврзаноста со Обединетото Кралство може да биде основа за притвор од страна на иранските власти“.
Владата исто така предупреди дека патничкото осигурување можеби нема да важи за оние кои ќе одлучат да патуваат и покрај официјалните препораки.
Официјалните лица посочија на „зголемен ризик од регионални тензии“, нагласувајќи дека евентуална ескалација може да доведе до нарушувања во патувањата и други непредвидени последици.
На британските државјани им е препорачано да преземат дополнителни мерки на претпазливост и внимателно да ја проценат сопствената безбедност во актуелното безбедносно опкружување.