„Велигденска кошничка“ во супермаркетите во Грција

Традиционалната „Велигденска кошничка“ со производи поврзани со Велигден, чии цени треба да останат исти или да има минимални зголемувања од денеска се воведува во супермаркетите во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

„Велигденска кошничка“ и оваа година содржи јагнешко и козјо месо, милиброд, велигденски чоколадни јајца и чоколадни производи, а ќе биде во сила до 19 април 2025 година. 

Според министерот за развој на Грција Такис Теодорикакос, станува збор за „позитивна иницијатива и дава алтернативи за подобри цени, поради што граѓаните ја прифаќаат“.

Во саботата, во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА, Теодорикакос истакна дека ќе се вршат темелни проверки во однос на профитната маржа во однос на 2021 година.

Пракса на грчката Влада е „Кошничката за домаќинствата“ во одредени периоди од годината да се дополнува со сезонски продукти, како што беше случај за Божиќ, кога беа воведени производи поврзани со божиќната трпеза.

„Кошничката за домаќинствата“ во грчките супермаркети беше воведена во ноември 2022 година, а содржи над 50 производи, меѓу кои ориз, леб, двопек, брашно, макарони, свинско и пилешко месо, риба, млеко и млечни производи, јогурт, јајца, различни видови сирење и кашкавал, зејтин, шеќер, кафе, какао, сокови, бебешка храна, средства за чистење, детергенти, тоалетна хартија, паста за заби, производи за лична хигиена, влошки, сапун, антисептик, пелени, храна за кучиња и мачки итн.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни