Во рамките на 21то издание на фестивалот Танц Фест, во Младинскиот Културен Центар во Скопје, со почеток во 20:00 часот, ќе се одиграат два силни сценски наслови, една авторка и истрајна потреба за телесно сведочење на стварноста – „Мокументари“ и „Драфт 1 (вортекс)“ се новите танцови дела на кореографката Адријана Данчевска Ровчанин, кои на сцената на Младинскиот Културен Центар го доведуваат современиот танц во директен судир со политиката, општеството и себеси.
„Мокументари“ е танцова претстава која со ироничен тон и препознатлив хумор се зафаќа со една од најконтроверзните теми на денешницата – политичката сцена. Танцот овде не е само израз – тој станува метафора на нестабилноста, на постојаната промена, но и на отпорот. Со тело како сведок, но и како чинител, изведувачите Дејан Битровски и самата Данчевска Ровчанин го преиспитуваат сопствениот идентитет во контрадикторниот пејзаж на моќ, влијание и самоопределување. Сценографијата на Ивана Мојсовска и музиката на Александар Гроздановски го заокружуваат просторот во кој се создава овој динамичен и провокативен сценски дијалог. Претставата беше премиерно прикажана на отворањето на „Денови на македонски кореографи“ на малата сцена на Националната Опера и Балет.
Публиката ќе има можност да го доживее и „Нацрт 1 (вортекс)“, кратка но моќна кореографска етапа во која настапуваат студентите од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Претставата е дел од проектот „УГД – Чекор кон светот 2025“, кој ги афирмира младите изведувачи и создава простор за нивна уметничка зрелост и јавна видливост. Во вртлогот на движењето, телата на танчарите го отелотворуваат преодот од учење кон создавање – од обид кон израз.
Двете дела се потпишани со музиката на Александар Гроздановски – HERZEL, а костимографските решенија во „Нацрт 1“ се на Скопје танцов театар.
Скопје Tанцовиот Tеатар, единствената современа танцова компанија во земјава, активно работи од 2011 година под организација на Интерарт културниот центар. Со над 70 премиери зад себе, компанијата се етаблира како водечка сила во полето на современиот танц. Во 2022 година, претставата „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ гостуваше на сцената на Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, каде критиката ја оцени како „брилијантна претстава на авангарден кореограф“. СТТ има настапувано и на реномирани фестивали и сцени низ САД, Европа и Азија.
Не пропуштајте вечер на телесна уметност која предизвикува, се прашува и остава трага.
Билети: на билетарницата на МКЦ и онлајн на bileti.mkc.mk