Како што информира „Скопје филм студио“, „Планета 7693“ е семејна авантура со sci-fi елементи, која го следи деветгодишниот Лука кој живее со родителите и поголемата сестра во живописно соседство во предградието. По еден настан во неговото навидум хармонично семејство, недоразбирањата насобрани низ годините излегуваат на површина и предизвикуваат низа конфликти. Ткивото на семејството се кине. Лука бара начин како да ги поправи нарушените односи, повлекувајќи се во светот на „супер моќите“ и фантазијата каде го запознава мистериозното девојче по име „7693“.
Главните улоги ги толкуваат Илија Пејаковиќ, Андрија Кузмановиќ, Кристина Обрадовиќ, Хана Иванишевиќ и Мара Ракчевиќ. Оригиналното сценарио е на Ана Вујадиновиќ Томиќ, како кинематографер се потпишува Александар Јакониќ, а композитори се Петар Вагнер и Лука Јовановиќ. Дизајнер на звук е Милош Дрндаревиќ, сценограф е Тамара Тричковиќ, костимограф – Лина Лековиќ, а монтажата е на Владимир Павловски. Продуцент на филмот е Марко Јаќимовиќ, а копродуценти се Томи Салковски и Ивица Видановиќ.
„Планета 7693“ е копродукција меѓу Гигглинг Гоат Продукција од Црна Гора, СиннеРент Продукција од Србија и „Скопје филм студио“. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Црна Гора, Министерството за култура и медиуми на Црна Гора, Филмскиот центар на Србија како и од SEE Cinema Network.