Вечерни навики што го креваат кортизолот и го отежнуваат слабеењето

Дури и ако се храните здраво и вежбате редовно, некои навики пред спиење можат да го нарушат природниот ритам на телото, да го зголемат стресот и да го успорат топењето на масните наслаги, особено околу стомакот.

Ако и покрај здравата исхрана и редовното вежбање тешко се ослободувате од салото на стомакот, причината можеби не е само во храната или физичката активност, туку и во вечерната рутина. Oдредени навики пред спиење можат да го зголемат нивото на кортизол, да го нарушат сонот и да го отежнат согорувањето масти.

Една од нив е спиењето во претопла соба. Иако топлата просторија делува попријатно, пониските температури му помагаат на телото полесно да активира таканаречено кафено масно ткиво, кое согорува калории за создавање топлина. Се препорачува температурата во собата да биде меѓу 18 и 20 степени Целзиусови.

Проблем можат да бидат и доцните вечерни оброци. Кога најголемиот дел од дневните калории се внесуваат подоцна во денот, тоа може да го наруши метаболизмот и внатрешниот часовник на телото. Според стручните објаснувања, ваквата навика полесно води кон складирање масти, наместо кон нивно трошење.

Уште една честа грешка е кофеинот во доцните часови. Кафето и другите пијалаци со кофеин можат да го нарушат чувството на поспаност и да го влошат квалитетот на сонот, дури и ако човек сепак успее да заспие. Токму лошиот сон подоцна може да се поврзе и со повисок стрес и потешкотии во контролата на телесната тежина.

Најшироки последици, сепак, имаат лошите навики за спиење. Недоволниот или нередовен сон може да ја наруши хормоналната рамнотежа, да го зголеми кортизолот и да ја засили желбата за храна богата со шеќери и јаглехидрати. Затоа, најдобро е да се спијат меѓу седум и девет часа секоја ноќ, по можност со што поконзистентен распоред.

Може да се заклули дека слабеењето не зависи само од тоа што јадете во текот на денот, туку и од тоа како изгледаат последните часови пред спиење. Понекогаш токму малите вечерни навики можат тивко да го забавуваат напредокот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни