Американскиот Стејт департмент во ноември 2025 година ја предупредил Украина дека нејзините напади врз рускиот нафтен терминал Новоросијск ги загрозуваат економските интереси на САД. Ова го изјави украинската амбасадорка во Вашингтон, Олга Стефанишина, на прес-конференција по повод четвртата годишнина од почетокот на руската инвазија.
Таа навела дека по нападите добила дипломатска нота од Стејт департментот во која било посочено дека се „загрозени економските интереси на САД“.
Украина го нападна рускиот нафтен терминал Новоросијск на Црното Море на 14 ноември, при што бил оштетен. Дронови повторно го целеле истото подрачје на 29 ноември и погодиле поморски терминал на Каспискиот нафтовод, што довело до привремено запирање на извозот на нафта.
Киев официјално не ја потврди одговорноста за нападот од 29 ноември.
Каспискиот цевководен конзорциум е меѓународно заедничко претпријатие во кое учествуваат руски, казахстански и странски енергетски компании. Тој управува со стратешки нафтовод кој ги поврзува нафтените полиња во западен Казахстан со поморскиот терминал во Новоросијск.
Меѓу главните акционери во конзорциумот е и американскиот нафтен гигант Шеврон, потсети францускиот весник „Ле Монд“.
Според Стефанишина, Вашингтон навел дека нападите влијаеле врз американските инвестиции реализирани преку Казахстан и побарал Киев да се „воздржи од таргетирање американски интереси“.
Таа појаснила дека САД не побарале Украина целосно да престане со напади врз руската енергетска инфраструктура, туку само да внимава на американските економски интереси.
Амбасадорката истакнала дека Киев ја „примил к знаење“ американската загриженост. Таа присуствувала и на обраќањето на Доналд Трамп за состојбата на нацијата и нагласила дека Украина останува благодарна за американската поддршка и не се чувствува напуштена, и покрај намалената воена помош и отсуството на прекин на огнот.