Вардар, вечерва во првиот натпревар од второто коло на Конференциската лига ќе ја пречека екипата на Лозана од Швајцарија.
Фудбалерите на Вардар пред себе ќе имаат тешка задача имајќи предвид дека Лозана е убедлив фаворит, но стручниот штаб на „црвено-црните“ не се откажува предвреме.
„Се зависи од ривалот како ќе ни дозволи да играме, но знам дека секој наш играч што ќе излезе на теренот, ќе го даде максимумот. Ние следевме како игра ривалот, знам и јас како се игра таму бидејќи сум играл во Австрија. Но, тоа ќе го оставам за мене, пред да одлучам како ќе се поставиме на теренот. Тешко беше да се игра во Сан Марино против бункер, но наша цел беше да минеме во следна рунда и успеавме во тоа. Не би давал прогнози, па нека победи оној кој е подобар.“ – изјави тренерот на екипата Гоце Седлоски.
Натпреварот Вардар- Лозана се игра на арената „Тодор Проески“ вечерва со почеток од 20:30 часот. Реваншот е на 31. јули, во Лозана.
Доколку Вардар ја елиминира Лозана, во третото коло ќе се сретне со победникот од двомечот меѓу Зимбру (Молдавија) и Астана (Казахстан).