Вајпингот создава нова генерација зависници од никотин со долгорочни здравствени проблеми

Лекари предупредуваат дека вапингот може да предизвика неповратна штета кај младите. Зависност, срцеви и белодробни проблеми, и ризик од рак се меѓу последиците, покажуваат студиите.

Лекарите ширум светот предупредуваат дека вапингот може да создаде нова генерација зависници од никотин – со децата и тинејџерите како најризична група за долгорочна, па дури и неповратна штета.

Иако често се промовираат како побезбедна алтернатива на пушењето, се поголем број докази покажуваат дека електронските цигари не се безопасни. Истражувањата ги поврзуваат со кардиоваскуларни проблеми, оштетување на белите дробови и зголемен ризик од рак.

„Имаме над 15.000 научни трудови – од кои најмалку 1.000 директно ги разгледуваат здравствените ефекти. Знаеме доволно за да заклучиме дека ова не е безопасен производ“, изјави професорката Маја-Лиса Лохен, кардиолог од Универзитетската болница на Северна Норвешка.

Алармантно зголемување кај младите

Анкета спроведена во 37 европски земји покажа дека 22% од 15 и 16-годишниците редовно користат вапинг – што е значителен пораст во однос на 14% пред само пет години.

Во Норвешка, каде продажбата на вапови е официјално забранета, употребата кај младите скокнала од речиси нула до 11% за само четири години. Во исто време, традиционалното пушење повторно расте.

„Започнувањето со вапинг често води до вистински цигари. Тоа е таканаречена ‘врата кон пушењето’. Индустријата знае што прави – ги таргетира децата со слатки вкусови и шарени дизајни. Оваа епидемија е водена и организирана од никотинската индустрија“, вели Лохен.

Скриени здравствени ризици

Иако целосните долгорочни ефекти на вапингот ќе бидат познати дури по неколку децении, научниците веќе се сериозно загрижени. При загревање, течностите ослободуваат штетни хемикалии, како формалдехид и ацеталдехид – познати канцерогени.

Вапингот го зголемува крвниот притисок, го забрзува срцевиот ритам и ги стврднува артериите

Никотинот, пак, особено е опасен за младите – може да го промени развојот на мозокот, влијаејќи на меморијата, учењето и вниманието.

Што треба да се направи?

Во ЕУ, постојат ограничувања за количината на никотин и забрани за рекламирање на малолетници – но спроведувањето е слабо. Во Норвешка е забранета продажбата, но производите лесно се набавуваат онлајн. Во САД, уште се продаваат ароматизирани вапови, и покрај барањата за построги регулации.

Светската здравствена организација предупреди дека ваповите не се ефикасна метода за откажување од пушење, и дека треба да се третираат како штетни производи.

Лохен вели дека едукацијата е клучна:

„Ова мора да стане дел од наставните програми. Наставниците треба да се обучат, родителите да се вклучат, и здравствените работници да бидат информирани. Сè уште има многу кои мислат дека вапингот е безопасен – но тоа е далеку од вистината.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни