„Да носиш невестински фустан, тоа е желбата на секое мало девојче“ како шлаканица ми се удри оваа реченица. Дали толку години борба и уште нашите соништа и желби се ограничени на невестински фустан и четири деца. Феминистите, активистите сите ми беа лути кога кажувам дека единствен непријател на една жена е всушност жената до неа. Мајката која ги растеше мажите, другарката која потпомагаше да се повреди другата жена, јавните личности кои маргинализираат.
Очигледна е неправдата која си ја правиме едни на други, таа понижува и убива дел од мене и тебе, ама никој не ја чепка. Знаеш дека ми правиш неправда, затоа што ти си таа што ја извршува. Прашањето е само, дали ти е грижа? Родовата еднаквост непосредно пред 8ми март секоја година како повторно да има потреба да биде објаснета. Не се бара да имаме можност да кренеме 100 килограми, да се тепаме со џиновско чудовиште, туку социјална, економска и политичка еднаквост.
Да бидеме еднакво платени за еднакво завршена работа, да можеме да одлучиме за своето тело, да одлучиме дали ќе седиме дома или одиме на работа, да одлучиме, дали ќе родиме деца и ќе имаме кариера, дали само ќе имаме деца и ќе бидеме домаќинки или само ќе се градиме кариерно. И ова се што е наброено како одлука не повредува ниту едно лице, не е штетно за општеството, туку може да биде штетно за егото на лицето што демонстрира моќ. Како да не живееме дома, туку во некоја непријателска земја. Во држава со илјада секирации и неволји, животот свој не можеш да си го уредиш, а за ова, вина треба да чувствува секој по малку.
За дебата се потребни аргументи, силно издржани, дебата се води со цел. Каква? Да го донесеме вистинското решение кое носи прогрес, без субјективни убедувања вклучени во креирањето на аргументи.
Ние жените вклучени во погон за секого имаме разбирање освен за жените до нас, затоа што сметаме дека верноста нивна природно ни припаѓа, како сопствената кожа, па мислиме дека што и да си направиме ќе пројде, ама останува нели? Мора да знаеме – едно е желбата да се владее со луѓето, да се покорат, да се предизвика страв, да се натераат на дела што никогаш не би ги направиле без присила: тоа е барање за молчење, за послушност без отпор, по правото на нечија сила. Таквата желба за моќ е неморална, таа го понижува и невнимателниот и повредениот. За да не се чувствуваме пронајдени и повикани и нареден 8 ми март, овој март, 8 ми март, нека биде со ваква честитка –
Утробата ќе ми роди тоа што сакам, дали е тоа кариера, убав збор, убава мисла, деца или можеби само љубов за себе или ако одлучам и ништо, а сепак ќе бидам достојна за да зборувам, јавно да говорам и за себе да одлучувам.