Во јавноста се отвори прашањето дали Македонија ќе прифати дел од мигрантите кои Велика Британија нема да ги задржи. Засега нема официјална потврда, има жестоки политички изјави со кои се отфрла поставување на макар и еден шатор за мигранти, но објавите во британските медиуми, политичките реакции и молкот на институциите создаваат простор за сериозна загриженост.
Ако навистина се донесат околу 20.000 или 30 или само 10 илјади луѓе без јасен, транспарентен и функционален план, Македонија ќе влезе во најголемиот општествен, културен и безбедносен експеримент по 2001 година. Тоа не е оценка базирана на страв или предрасуди, туку на реалната состојба на институциите, инфраструктурата и јавните системи кои веќе функционираат на работ на издржливост.
Што е вистинскиот проблем?
Проблемот не е во мигрантите. Тоа се луѓе кои бегаат од војни, сиромаштија, прогон или безизлез.
Проблемот е во државата која би можела да прифати обврски што не може да ги исполни — и со тоа да ги стави и тие луѓе и сопствените граѓани во ранлива позиција. Затоа што зад бројките од 20.000 луѓе стојат 20.000 човечки животи. И стои држава со 1.8 милиони жители која не смее да биде турната во експеримент без да знае што прифаќа.
Хуманоста не е доволна ако нема капацитет. Политичките договори не се доволни ако нема одговорност, а и парите не се доволни ако нема стратегија.
Споредбата со 2015: зошто овој контекст е сосема различен
Често се вади паралела со 2015 година, кога Македонија беше дел од балканската рута и низ земјата поминаа повеќе од 200.000 луѓе за неколку месеци. Но контекстот тогаш и денес е суштински различен.
Во 2015 стануваше збор за транзит. Луѓето остануваа кратко, без обврска државата да обезбеди домување, долгорочна грижа, интеграција, образование или здравство. Системот функционираше како коридор, со јасна европска координација и без очекување тие луѓе да останат.
Денес, меѓутоа, разговорите што се споменуваат во британските медиуми не личат на транзит, туку на потенцијален долгорочен престој. Тоа значи обврски за сместување, системска интеграција, обезбедување услуги и создавање инфраструктура која моменталната држава веќе ја нема. Дополнително, политичката клима во 2025 е многу понапната, а институциите многу понесилни отколку во 2015.
Клучните прашања
Во момент кога дел од јавноста веќе реагира со страв и недоверба, а дел од политичките актери ја воведуваат темата во дневната политика, неопходно е да се постави клучното прашање: „Кој преговара за нас? Со кој мандат? Под кои услови? И зошто?“
Без јасни одговори, секоја одлука ќе биде сфатена како скриена, манипулативна или опасна. Тоа ја отвора вратата за ксенофобија, дезинформации и општествена поларизација — што е последното што му треба на едно веќе фрагментирано општество.
Останува и чувството дека можеби како во секој добар магионичарски трик, додека се фокусираме на оваа тема на друго место се случува вистинската магија. Некој маестрален спин, совршено создадена илузија во чија позадина луѓето од „сцената“ туркаат агенда која треба да остане невидлива за нас.
Што треба да се заштити
Целта е да се заштити јавниот интерес: и на луѓето што можат да дојдат, и на луѓето што веќе живеат тука, и на државата што мора да знае што прифаќа.
Потребна е транспарентност, јасност и одговорни одлуки. Додека тие недостасуваат, ова прашање останува отворено — и бара сериозен, јавно објаснет одговор.
Почнува сезоната на зимските слави, а славскиот астал е совршена платформа за засилување на сите теории на заговор и меѓусебно обвинување за појави и состојби кои, реално, не зависат од гостите на славата. Се надевам дека, сепак темите за цената на храната и пијалоците сервирани на масата ќе издоминираат на овие собири. И греењето на домот. И зошто младите си одат од овде, а и дали таму каде што одат ќе бидат третирани како мигранти, бегалци или едноставно – како човечки суштества.
