7 утрински навики што тивко ви ја крадат енергијата пред пладне

Од кафето на празен стомак до утринското „скролање“ – неколку секојдневни навики можат да бидат причина зошто се чувствуваме исцрпено уште пред 12 часот.

Со доаѓањето на пролетта многу луѓе забележуваат дека се чувствуваат уморно уште во првиот дел од денот, иако спиеле доволно. Дел од причината лежи во сезонското прилагодување на организмот, но експертите предупредуваат дека и утринските навики играат голема улога во нивото на енергија.

Промените во должината на денот влијаат на хормоните што го регулираат спиењето и расположението, како мелатонинот и серотонинот. На телото му е потребно време да го усогласи својот биолошки часовник со повеќе дневна светлина, па може да се појават поспаност, намалена концентрација и чувство на замор.

Но не се виновни само сезонските промени. Начинот на кој го започнуваме утрото често дополнително го оптоварува организмот.

Кафе на празен стомак

Многумина го започнуваат денот со кафе веднаш по будењето. Иако тоа изгледа како добар начин за разбудување, кафето на празен стомак може да предизвика нагло зголемување на кортизолот – хормонот на стресот.

Тоа може да доведе до пад на енергијата подоцна во текот на утрото.

Подобар избор е да испиете чаша вода по будењето, а кафето оставете го за 30 до 60 минути подоцна, по лесен појадок.

Проверување телефон веднаш по будење

Телефонот често е првото нешто што го земаме во рака. Социјалните мрежи, пораки и вести создаваат ментално оптоварување уште пред денот да започне.

Мозокот влегува во состојба на „аларм“, што го зголемува стресот и ја троши менталната енергија.

Совет кој може да го искористите е првите 20 минути од денот да се обидете да го поминете без екран – со истегнување, отворање прозорец или кратка тишина.

Прескокнување појадок

Во забрзаните утрински часови појадокот често се прескокнува. Но без внес на храна, нивото на шеќер во крвта може нагло да падне.

Тоа предизвикува слабост, раздразливост и намалена концентрација.

Решение за ова е комбинацијата од протеини и влакна – јогурт со јаткасти плодови, овесна каша или јајца со интегрален леб.

Долго и премногу топло туширање

Иако топлиот туш делува опуштачки, премногу топла вода може да го намали крвниот притисок и да го зголеми чувството на поспаност.

Подобар туширајте се со умерено топла вода и завршете со краток млак млаз за подобра циркулација.

Недостаток на утринска светлина

Природната светлина игра клучна улога во регулирањето на циркадниот ритам. Ако утрото го започнете во полумрак и веднаш седнете пред компјутер, телото не добива јасен сигнал дека денот започнал.

Затоа, отворете прозорец веднаш по будењето или прошетајте неколку минути на дневна светлина.

Мултитаскинг уште од првата минута

Кога денот започнува со повеќе задачи одеднаш (пораки, работа, семејни обврски) мозокот троши повеќе енергија.

Постојаното префрлање меѓу активности создава чувство на хаос и замор.

Затоа поставете три приоритетни задачи за претпладнето и фокусирајте се на една по една.

Нередовен сон

Проблем не е само колку спиеме, туку и колку е редовен распоредот на спиење. Одењето во кревет во различно време го нарушува биолошкиот ритам.

Тоа особено се чувствува во периодите на сезонски промени.

Во иднина обидете се да го задржите истото време за легнување и будење, дури и за време на викендите.

Зошто овие навики ја намалуваат енергијата

Заедничкиот именител на овие навики е нагла стимулација (преку кофеин, екрани или стрес) без постепено будење на организмот. Телото тогаш побрзо ги троши енергетските резерви, па заморот се појавува уште пред пладне.

Со мали промени во утринската рутина, можно е значително да се подобри концентрацијата, расположението и нивото на енергија во текот на целиот ден

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни