За велигденските одбележувања утре, 11 април, од 18 часот па до завршувањето на манифестациите, во Скопје ќе важи посебен режим на сообраќај, а по потреба ќе бидат затворани дел од главните сообраќајници во центарот, како и во Ѓорче Петров и Аеродром. Мерките ги најави СВР Скопје поради празникот „Воскресение Христово – Велигден“, а измените ќе важат во зависност од движењето на граѓаните околу верските објекти.
Во централното градско подрачје, по потреба за сообраќај ќе бидат затворени булеварот „Партизански одреди“ на потегот од крстосницата со улицата „Франклин Рузвелт“ до булеварот „ВМРО“, булеварот „Св. Климент Охридски“ од булеварот „Илинден“ до улицата „Димитрие Чуповски“, како и улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“ од улицата „9-ти Мај“ до кружниот тек кај „Св. Кирил и Методиј“.
Дополнително, во општина Ѓорче Петров по потреба ќе се затвори улицата „Македонска војска“ пред црквата „Свети Петар и Павле“, на потегот од булеварот „Партизански одреди“ до улицата „Ѓорче Петров“. Во Аеродром, пак, по потреба ќе биде затворен локалниот пат кон селото Лисиче. Полицијата најави дека, ако има потреба, ќе бидат затворени и други сообраќајници што гравитираат околу верските објекти.
Поради измените, дел од автобусите на јавниот превоз ќе сообраќаат по променета траса. Линиите што минуваат преку мостот „Гоце Делчев“ ќе бидат пренасочувани по булеварот „Илинден“ и улицата „Франклин Рузвелт“, додека автобусите што минуваат низ центарот ќе се движат преку „М.Т. Гологанов“ и повторно ќе се приклучуваат на „Партизански одреди“.
МВР апелира граѓаните да ги почитуваат насоките на полициските службеници и навреме да ги планираат движењата, особено во вечерните часови кога се очекува најголем метеж околу црквите и централното градско подрачје.