Урсула фон дер Лајен: Мора да ја финансираме Украина за да ја заштитиме Европа

Претседателката на Европската комисија предупреди дека одлуката за финансиска поддршка на Украина не смее да се одложува и дека Европа мора да преземе целосна одговорност за сопствената безбедност

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, упати јасен и итен повик до европските лидери, нагласувајќи дека на клучниот самит на Европскиот совет во Брисел оваа недела мора да се постигне договор за долгорочен финансиски пакет за Украина. Во обраќање пред Европскиот парламент во Стразбур, фон дер Лајен порача дека поддршката за Украина е директно поврзана со безбедноста на Европа, пренесува Politico.

Таа истакна дека на маса се наоѓаат две можни опции за финансирање – една базирана на користење на имот и една заснована на задолжување на Европската Унија. „Предложив две различни опции за претстојниот Европски совет. Ќе мора да одлучиме по кој пат ќе тргнеме“, изјави фон дер Лајен, додавајќи дека повеќе нема простор за одолговлекување.

Според неа, Европскиот совет мора да донесе конечна одлука за финансирањето на Украина за наредните две години. „Едно е сосема јасно – мора да донесеме одлука за финансирање на Украина за следниот период токму на овој самит“, порача таа.

Едно од најчувствителните прашања останува можноста Украина да добие пристап до замрзнатиот руски имот во Европа. Белгија, каде што се наоѓа најголемиот дел од тие средства, се спротивставува на таков чекор, стравувајќи од можни правни последици и обврска за надомест доколку Русија побара враќање на средствата во иднина.

Фон дер Лајен прецизираше дека најголемиот дел од потребните средства мора да дојдат од Европа. „Проценките на ММФ и нашите анализи покажуваат дека на Украина за 2026 и 2027 година ќе ѝ бидат потребни околу 137 милијарди евра. Европа треба да покрие две третини од тој износ, односно околу 90 милијарди евра“, истакна таа.

Претседателката на Комисијата нагласи и дека Европа мора да преземе целосна одговорност за сопствената безбедност. „Ова повеќе не е опција, туку неопходност. Европа мора да биде подготвена“, порача таа, додавајќи дека нема поважен чин на европска одбрана од поддршката на украинската одбрана.

Во своето обраќање, фон дер Лајен индиректно одговори и на критиките што доаѓаат надвор од Европа, без директно да го спомене поранешниот американски претседател Доналд Трамп. „Не смееме да дозволиме да нѐ дефинираат туѓи светогледи. И ова не би било првпат претпоставките за Европа да се покажат застарени“, изјави таа, во контекст на неодамнешните изјави во кои европските лидери беа оценети како „слаби“.

Говорот го заврши со силно предупредување: „Мирот од вчера исчезна. Немаме време за носталгија.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни