Најмалку 19 загинати во уривање две згради во Мароко

Четирикатните згради се урнале во текот на ноќта во градот Фес.
Акција за спасување Мароко
Photo: EPA

Најмалку 19 лица загинаа, а 16 беа повредени кога две соседни четирикатни згради се урнаа во текот на ноќта во градот Фес, во североисточен Мароко, соопшти државната новинска агенција MAP. Инцидентот се случил во населбата Ал-Мустаκбал, каде што, според првичните информации, живееле осум семејства.

Локалните власти од префектурата Фес навеле дека уривањето се случило ненадејно и под нерасчистени околности. Веднаш по добивањето на пријавата, на местото пристигнале единици од локалната администрација, безбедносните служби и тимови на цивилната заштита, кои започнале со итни операции за пребарување и спасување.

Повредените лица биле префрлени во Универзитетскиот клинички центар во Фес, каде што им е укажана медицинска помош. Спасувачките екипи продолжуваат да пребаруваат под урнатините со цел да утврдат дали има преживеани или дополнителни жртви.

Официјалната истрага е во тек, а локалните власти најавија дека ќе ги утврдат причините за уривањето и дали постоеле предупредувачки знаци во периодот пред трагедијата.

За Мароко, каде што дел од урбаните населби се соочуваат со стареење на инфраструктурата и недоволна контрола, ваквите инциденти повторно го отвораат прашањето за безбедноста на станбените објекти и потребата од системски инспекции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни