Урбани трансформации во боја, светлина и динамичност

Овој проект се фокусира на деконструкција на елементи од урбаните структури, каде се издвојуваат и интерпретираат геометриските форми и волумените што го дефинираат брутализмот

На 20 ноември во 20.00 часот, во уметничката галерија во Куманово, ќе биде отворена излоѓбата од најновиот творечки циклус на ликовниот уметник Благојче Наумоски – Бане, со наслов „Урбани трансформации“.

Изложбата е продолжување на неговото трагање по визуелните сензации во урбаните простори, кои го опседнуваат авторот со своите динамични композиции, геометризмот и игрите помеѓу материјалноста и апстрактното.

Како што и тој самиот вели: „Овој проект се фокусира на деконструкција на елементи од урбаните структури, каде се издвојуваат и интерпретираат геометриските форми и волумените што го дефинираат брутализмот. Тој со своите моќни, монолитни и често минималистички форми, нуди богат визуелен јазик за интерпретација, преку кој со своите необработени конкретни форми, неукрасена функционалност и импозантно присуство, долго време ја плени мојата имагинација.“


За разлика од претходниот проект „Пукнатини/трансформации“ каде беа применети дигиталните техники, во овој циклус авторот целосно се потпира на сликањето со акрилни бои на платно, со што ја нагласува човечката компонента и емоцијата што сака да преовладее во отсликувањето на овие навидум сурови архитектонски структури. Може да се каже дека во оваа серија на платна, од кои повеќето со мали димензии, Наумоски ја доживеал својата сликарска зрелост, нудејќи возбудливи и вибрантни колорни комбинации, неочекувани композициски решенија и смели форми. Но и овде, геометриската апстракција и претопувањето на наративните елементи во текстури, светлосни снопови и сенки (што го потенцира и во воведниот наслов „Енергија на светлината“), нѐ враќа до намерата на авторот да ни понуди чист визуелен концепт, во кој тој успеал чудесно да ги поврзе сите видливи со невидливите (емотивните) состојки.
Циклусот „Урбани трансформации“ еклатантно ја потврдува способноста на еден уметник да ги реинтерпретира нештата што го опкружуваат преку единствена и кохерентна уметничка визија. Наумоски не го критикува брутализмот како правец, туку потсетува на негрижата на општеството и запоставувањето на овие градби во денешницата. Напротив, тој го слави и оживува ова урбано културно наследство, давајќи му можност за нова уметничка еволуција и егзистенција. Смелите колористички концепти и динамичните композиции на неговите дела содржат во себе призвук од минатото, трендовска актуелност на денешницата и антиципација на иднината: нѐ носат наназад до асамблажите од циклусот „Полски села“ на американскиот уметник Френк Стела, кој со иста обоена жар и апстрактен геометризам ги „оживуваше“ естетските и архитектонските елементи на уништените села и еврејски синагоги во Втората светска војна; нѐ освежуваат како бизарните графички композиции на популарната млада уметница и графичка дизајнерка во подем Лета Собиерајски; и суптилно нѐ предупредуваат на можната дистописка иднина во налетот на урбаната деструкција и „лудилото“ во име на „прогресот“ – вели професор Гордана Вренцоска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни