УНИЦЕФ: Загадувањето на воздухот е една од најголемите закани по здравјето на децата, како да ги заштитиме?

Во Северна Македонија 11,6 отсто од сите смртни случаи на доенчиња се должат на загадениот воздух, што е секој 9-ти смртен случај на деца под една година

Од Организацијата за заштита на децата УНИЦЕФ споделија совети за заштита на најмалите при енормно аерозагадување во животната средина. 

Загадувањето на воздухот е една од најголемите закани по здравјето на децата и е водечки еколошки здравствен ризик за децата, велат оттаму.  Во Северна Македонија, ризиците од загаден воздух се особено големи.

Скопје често се наоѓа високо на листата на најзагадени градови во светот, а просечните нивоа на ПМ10 или ПМ2,5 го надминуваат безбедниот праг повеќе од 100 дена во годината. Другите градови како Тетово, Битола, Кавадарци, Струмица и Кочани исто така имаат висока аерозагаденост, посебно во зимските месеци.

Во Северна Македонија 11,6 отсто од сите смртни случаи на доенчиња се должат на загадениот воздух, што е секој 9-ти смртен случај на деца под една година, потенцираат оттаму. 

Бидејќи децата растат, нивните бели дробови и мозоци во развој ги чинат особено ранливи на загадувањето на воздухот. Нивниот имунолошки систем е послаб од тој на возрасните, чинејќи ги поранливи на вируси, бактерии и други инфекции. Со ова се зголемува ризикот од респираторни инфекции и се намалува способноста да се борат со неа.

Малите деца дишат побрзо од возрасните и внесуваат повеќе воздух во однос на телесната тежина, често преку устата, која внесува повеќе загадувачи. Исто така, бидејќи се пониски, тие се поблиску до земјата, каде што некои загадувачи достигнуваат највисоки концентрации.

Како загадувањето на воздухот влијае на децата?

Загадувањето на воздухот предизвикува како непосредни така и долгорочни здравствени последици кај децата коишто може да бидат неповратни.

Загадувањето на воздухот е поврзано со респираторни состојби како пневмонија, бронхитис и астма. Може да влоши претходни здравствени состојби и да му наштети на физичкиот и когнитивниот развој на децата. Поради тоа, може да бидат засегнати други области од нивниот живот. На пример, кога децата се болни, може да отсуствуваат од училиште, со што дополнително се ограничува нивниот потенцијал за учење и развој. А ефектите од загадениот воздух може да траат цел живот.

Возрасните кои биле изложени на загаден воздух како деца се склони кон респираторни проблеми подоцна во животот.  На кои симптоми на изложеност на загаден воздух треба да внимавам?

Еве неколку симптоми што може да произлезат од изложеност на загаден воздух.

Разговарајте со вашиот лекар ако член од семејството почувствува некој од овие симптоми.

Суви/иритирани очи, главоболка, замор, алергии или отежнато дишење. Кај доенчињата внимавајте на знаци на напор при дишење. Луѓето со астма може да имаат потешки напади, отежнато дишење, болка во градите, кашлање или свирење на градите. 

Секојдневно следете ги информациите за квалитетот на воздухот таму каде што живеете и обидете се соодветно да го приспособите однесувањето и нивото на изложеност на вашето семејство.

Обидете се помалку време да престојувате во подрачја со високо загадување, како на пример, во близина или околу подрачја со голем сообраќаен метеж или со извори на индустриско загадување. 

Ако патувате во периоди од денот кога аерозагадувањето е помало, ја намалувате изложеноста.

Кога загадувањето на воздухот е особено лошо, најдобро е децата да избегнуваат напорни активности. Играта или физичката активност треба да се сведат на минимум, особено ако децата имаат веќе постоечки медицински состојби како што се астма или други респираторни инфекции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни