Од почетокот на руската агресија врз Украина пред три години, убиени се повеќе од 12.300 цивили, објави заменичката на шефот на канцеларијата на Обединетите нации за човекови права (UNHCR) Нада Ал-Нашиф, предупредувајќи дека бројот на загинатите се забрзува поради употребата на дронови и ракети со долг дострел, јавува Ројтерс.
Русија во последните месеци редовно напаѓа оддалечени градови со такво оружје, што доведе до пораст на цивилните жртви за 30 проценти во споредба со истиот период минатата година. Во периодот од септември до ноември 2024. биле убиени 574 цивили, покажуваат податоците на Обединетите нации.
Заменичката комесар за човекови права на ООН Нада Ал-Нашиф изјави дека во Украина се убиени повеќе од 12.300 цивили, меѓу кои 650 деца.
Истовремено, ООН повторува дека тие податоци се пониски од реалните, бидејќи вклучуваат само загинати кои неговите тимови успеале да ги верификуваат.
„Руските вооружени сили ја интензивираа својата операција за да освоат дополнителни територии на истокот на Украина, што силно ги погодува цивилите на подрачјата на првите борбени линии“, изјави Ал-Нашиф на состанокот на Советот за човекови права на ООН во Женева.
Таа посочи дека Русија во ноември користела повеќе од 2.000 дронови со долг дострел. Тие примери на се посилни прекршувања на меѓународните закони за човекови права можат да претставуваат воени злосторства, нагласи Ал-Нашиф.
Рускиот делегат Евгениј Устинов оцени дека тој извештај е пристрасен и рече дека го намалува злосторствата на Киев. Москва ги отфрла обвинувањата дека извршила злосторства или напаѓала цивили од почетокот на војната во февруари 2022 година.
Украинската амбасадорка Евгенија Филипенко ја опиша неодамнешната акција на Русија како „планирана, окрутна и дизајнирана да предизвика максимално уништување“.
Меѓу цивилните жртви кои ги документирал ООН е и 35 загинати во делови на Херсон под контрола на Украина, кои биле убиени од дронови со видео камери меѓу септември и ноември минатата година. Таквите летала овозможуваат на операторите на екрани да ги разликуваат цивилите од војниците, пренесува Ројтерс.