Во говорниот развој на детето, постојат повеќе аспекти кои се клучни во формирање на квалитетна и функционална комуникација. Од првиот збор па се до користење на сложени реченици, развојот на говорот игра важна улога во целокупниот когнитивен, емоционален и социјален раст на детето. Во говорниот развој родителите ја имаат клучната улога, бидејќи тие се првиот и основен модел на детето.
Усвојувањето на јазикот започнува со изложување на детето на изговорени зборови и последователните обиди да ги имитира. Од најраните моменти од животот, дечињата се првично изложени на гласовите на нивните родители. Токму овие рани говорни интеракции, кои најчесто се во облик на гугање, имитирање на звуци и ритам, се основата за подоцнежниот развој на говорот. Истражувањата постојано го нагласуваат влијанието што родителите го имаат врз развојот на нивното дете во учењето на јазикот и говорот.
Еден од неколкуте начини на кои родителите можат и го поддржуваат своето дете во развој на говорот, е преку активна вклученост во комуникација со него. Кога родителот активно го насочува вниманието на она што детето сака да го каже и навремено вербално му возвраќа на неговите обиди за комуникација, без разлика дали тоа ќе биде преку користење гест или збор, тоа кај детето оддава чувство на охрабрување и потврда
Преку овој модел на комуницирање, кај детето се поттикнуваат позитивни повратни информации, кои го мотивираат детето дополнително да ги истражува и усоврши своите говорните вештини. Меѓутоа освен постојаните обиди за комуникација, родителите е важно да практикуваат и активно слушање. Ова подразбира внимателно слушање на обидите на детето да комуницира. Друг важен аспект во улогата на родителот во развојот на говорот е создавање на добра говорно јазична средина. Односно, постојана употреба на јазикот и говорот во извршување на секојдневните активности. Ова може да се практикува преку секојдневните рутини, како што се разговорите за време на возење во автомобил, ритуалите за време на капење или активностите за време на играње, кои нудат безброј можности на родителите да го моделираат јазикот, да го прошират вокабуларот – со воведување на нови зборови, и да го вклучат детето во двонасочна комуникација-дијалог.

Преку активното вклучување на децата во говорната средина, и охрабрување на нивно учество во истата, се негува самодовербата и истовремено се стимулира говорот. Во денешно време, изложеноста на технологијата и екраните е нешто кое не можеме потполно да го игнорираме. Токму затоа, од клучно значење е родителите да го ограничат времето кое децата го поминуваат пред екраните. Иако кај поголемите деца технологијата може да биде од корист во поголема информираност и едукација, кај најмалите најчесто негативно влијаат во развојот на нивниот говор. Прекувремената изложеност на технологија, го забавува развојот на говорот, и го спречува детето во учење на комуникациските модели. Родителите треба да се стремат да го балансираат времето поминато пред екраните со комуникацијата лице во лице, бидејќи човековата комуникација е незаменлива во негувањето на добри говорни вештини кај децата.
Родителите треба да ја охрабруваат човечката комуникација, а технологијата да ја користат како додаток, но не како замена. Токму затоа, родителите треба да ги поттикнуваат децата на комуникација и користење на говорот како со нив така и со нивните врсници. Исклучително е важно децата од најмала возраст да се социјализираат. Преку социјализација и играта со нивните врсници, децата исто така ги учат останатите социјално –емоционални вештини.
Иако овие се само некои од аспектите преку кои родителите директно влијаат во развојот на говорот кај нивното дете, од клучно значење е родителите навремено да го препознаат доцнењето на говорот. Доколку детето има потешкотии во користењето на говорот, недоволна употреба на јазикот за неговата возраст, изостанува социјалната комуникација и интеракција, важно е да пристапите со рана интервенција. Преку раната интервенција детето добива можност да ги подобри своите говорни јазични вештини кои се основа за понатамошен успех во останатите аспекти од животот.