Улогата на граѓанските организации во демократското општество

Слободата на здружување е едно од најважните човекови права во едно демократско општество. Пред промената на социјалистичкиот во демократски систем, во нашата држава постоеле неколку видови на организации на граѓани кои најчесто биле тесно поврзани со тогашната Комунистичка партија. Дискутабилна била слободата на здружување во системот кој пред повеќе од три декади го напуштивме, но, тоа не значи дека преку овие организации не се унапредувале правата и не се остварувале интересите на граѓаните.

Со осамостојувањето и со трансформација на системот од социјалистички во демократски, граѓаните добија можност слободно да се здружуваат согласно своите интереси и потреби. Ова значеше формирање на илјадници здруженија во многу различни области. Па така се оформија здруженија на лицата со попречености, здруженија за родова еднаквост и унапредување на правата на жените, професионални здруженија како здруженија на новинари, социјални работници, правници, лекари, потоа има здруженија кои во фокусот ги имаат најранливите и маргинализирани заедници, здруженија на пациенти, на потрошувачи, секако младински здруженија и уште многу здруженија согласно различните интереси и потреби на граѓаните.

И сето тоа е одлично, затоа што едно општество е демократско и отворено онолку, колку што неговите граѓани се слободни и можат непречено да ги остваруваат своите интереси и права. Во демократските општества властите со мандатот кој им е доверен од граѓаните имаат обврска да ги гарантираат, штитат и унапредуваат правата и слободните на сите граѓани поддеднакво. Единствена граница во демократијата за слободите и правата на едне човек може да бидат само слободите и правата на другите луѓе.

Во изминатите триесет години се покажа дека граѓанските организации се механизам преку кој граѓаните можат да го движат општеството напред, но исто така се покажа дека овој механизам многу често може да бидат злоупотребени од одредени партиско-политички структури, за остварување на лични лукративни и политички интереси на мал број поединци. Па така, имаме примери да се отвараат „инстант“ здруженија, согласно актуелните случувања во општеството, со цел да се минимизираат одредени граѓански движења или да се добие пристап до одредени финансиски ресурси.

Поради ваквите трендови многу често довербата на граѓаните во граѓанскиот сектор била разнишана и доведена во прашање. За активистите и граѓанските организации се зборувало дека ништо не работат, дека само перат пари и слични ставови. Биле заокружувани, прогонувани и етикетирани како непродуктивен трошок во општеството, затоа што јавно се спротивставувале на кршењето на правата на луѓето и непочитување на демократските постулати во државава. Но сепак, ваквите предизвици само придонесоа граѓанскиот сектор и граѓанските активисти да се зајакнат, да се консолидираат и  да продолжат да ја остваруваат најдобро што можат своите улоги во општеството.

Граѓанските организации имаат две главни улоги во едно општество. Едната е обезбедување на услуги и сервиси кои се специјално дизајнирани за потребите на одредени груши на граѓани. Оваа улога најчесто ја преземааат т.н. “grass root” организации, односно организации кои се основани од припадници на самите заедници и кои се најблиски до граѓаните чии потреби и права ги остваруваат преку овозможувањето на услугите. Услугите кои се овозможуваат на граѓаните се доверливи, лесно достапни за сите на кои им се потребни, блиски и лесно пристапни до заедниците, и што е најважно се бесплатни за крајните корисници. Исто така, преку обезбедувањето на овие услуги најблиску до граѓаните, граѓанските организации помагаат за зајакнување на ранливите, маргинализираните, обесправените да можат подеднакво да ги уживаат и практикуваат своите права како сите останати граѓани. Континуитетот, квалитетот и одржливоста на овие услуги се од големо значење и со оглед на тоа, праксата во најголем број демократски земји е државата и локалната власт да го поддржат овозможувањето на овие услуги во заедниците, преку соодветна и континуирана финансиска поддршка на граѓанските организациии кои ги обезбедуваат ваквите услуги за граѓаните на кои им се потребни.

Другата улога на граѓанските организации е да бидат мостот, врската помеѓу граѓаните и оние на кои истите овие граѓани им ја довериле моќта да кројат политики и да донесуваат одлуки во нивно име. Преку оваа улога на граѓанските организации, граѓаните директно може да ја мониторираат работата на оние на кои им ја довериле власта и по потреба да бидат коректив доколку воочат дека власта работи спротивно на нивните интереси. Колку се потранспарентни властите спрема барањата и прашањата на граѓанските органзиации, за толку поотворено општество говориме, и обратно колку е власта понетранспрантна во својата работа и во донесувањето на одлуките, толку е позатворено и тоталитаристички настроено општеството. Затоа за секоја демократска власт клучно е да биде транспарентна, отчетна и да ги вклучува граѓанските организации а со тоа и граѓаните во креирањето на политиките и донесувањето на одлуки. Само така ќе постигнеме инклузивно, отворено и слободно општество.

Предизвици за граѓанските организации и граѓанските активисти имало и ќе има, но борбата продолжува за да продолжиме да градиме општество во кое граѓаните ќе бидат слободни и еднакви!

Авторката е правничка и активистка за заштита на човековите права

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни