Договорот за минералите меѓу САД и Украина веројатно нема да донесе значителни приходи. Барем не во блиска иднина, тврдат експерти во разговор за Форбс. Тие предупредуваат на високите трошоци и долгите рокови на производство кои се потребни за ископување на суровините.
Тоа би барало години инвестиции и на крај не би донело значителна заработка.

„Големите количества ретки метали“ во Украина кои Трамп го посочува се збир од 17 метални елементи кои се клучни за производство на батерии и високотехнолошка одбрана. Украина навистина поседува околу 5% од светските залихи на ретки метали, но според податоците на С&P Глобал, Украина нема активни рудници на ретки метали. Освен тоа, развојот на украинските наоѓалишта на графит, литиум и титаниум, кои беа во различни фази на подготовка пред руската инвазија во 2022 година, би барале „значителни инвестиции“, истакнува Вилис Томас, директор на CRU+ тимот во истражувачката компанија CRU Group.
Овие минерали „нема да носат профит во следните 10 или 15 години“, изјави Џорџ Ингал, аналитичар за цени на ретки метали од Benchmark Minerals Intelligence за Форбс. Според него, веројатно е дека литиумот ќе биде приоритет за било какви развојни проекти. „Реално очекување“ за тоа кога ќе се појави украинскиот литиум на пазарот е минимум три до четири години, изјави Давид Декелбаум, аналитичар во TD Cowen.
Покрај тоа, според Њујорк Тајмс, Украина ќе ги задржи сите приходи од постојните рудници. Тоа може да го отежне пристапот на САД до проектите за ретки минерали кои веќе се во тек, вклучувајќи го 90 години стариот рудник за графит и два рудника на литиум кои се во раната фаза на развој.
Колку е потребно за рудникот да стане оперативен?
За да стане оперативен рудник за ретки метали, потребни се до две милијарди долари, тврди Ингал. Тој додава дека рударските компании ширум светот „навистина тешко доаѓаат до било какви инвестиции“ поради „лошите“ пазарни услови. „Не е важно дали ги имате сите тие руди ретки метали во земјата. Ако не е исплатливо да се ископаат, никој нема да сака да ги вади“, објаснил тој.
Томас истакнал дека графитот и ретките метали се „релативно присутни“ во светот. „Поголемиот дел од нивната вредност не произлегува од самите наоѓалишта, туку од процесот на рафинирање“. Во тој процес, металите се претвораат во хемиски форми потребни за батерии. Такви погони „практично не постојат надвор од Кина“ денес. Кина контролира меѓу 65 и 70 проценти од глобалните капацитети за рафинирање на литиум, напомена Декелбаум. Тој додава дека таа земја исто така „целосно доминира“ на пазарот на графит. Меѓутоа, „не можете нужно да го решите проблемот на доминацијата на Кина само со тоа што ќе осигурате повеќе суровини“, бидејќи тие „се присутни во изобилство“ од Австралија до Јужна Америка.
Конкуренцијата со кинеските проекти веќе се покажала како економски неодржлива, бидејќи Кина со своето високо производство ги држи цените ниски. „Кина го поплави пазарот со евтини материјали, што го прави исклучително тешко бизнисот за сите други“, појаснил Ингал.
Тековните пазарни услови сугерираат дека експлоатацијата на украинските минерали веројатно нема да има значителен ефект во блиска иднина. Сепак, „приступот до ресурсите е неопходен чекор“ во создавањето на поголеми глобални залихи кои не се базирани на рударски и преработувачки капацитети во Кина, заклучил Томас.
Што поседува Украина?
Министерството за заштита на животната средина и природни ресурси на Украина тврди дека Украина има најголеми резерви на графит и литиум во Европа. Нејзините резерви на графит сочинуваат 6% од вкупните светски залихи.
Истотака, Украина тврди дека поседува најголеми резерви на титаниум во Европа. Тие би, како што се тврди, можеле да ја задоволат побарувачката на САД и ЕУ за титаниум во наредните 25 години.
Украина исто така тврди дека има најголеми резерви на ураниум во Европа. И дека нејзините залихи на берилиум можат да ја задоволат глобалната продукција во следните 40 години.
Природните ресурси на земјата се клучни за производство на батерии, оклопи, одбранбени материјали и нуклеарно гориво.
Партнерството со Украина за обезбедување природни ресурси може да ја намали зависноста на САД од Кина и Русија во однос на увозот на тие минерали. Украина тврди дека повеќе од половина од светското снабдување со ураниум доаѓа токму од Кина и Русија.