Нападот предизвика седумчасовен прекин на авио-сообраќајот во Москва и сериозни нарушувања во повеќе руски региони.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, соопшти дека 36 украински дронови биле соборени во близина на главниот град. Иако не соопшти детали за евентуални жртви или материјална штета, тој потврди дека службите за итни интервенции работат на местата на паднатите остатоци.
Рускиот авио-регулатор целосно ги затвори аеродромите Шереметјево, Домодедово, Внуково и Жуковски, а воздушниот простор беше привремено блокиран. Најмалку 133 летови беа откажани, одложени или пренасочени.
Во Вороњеж, остатоци од „воздушна цел со голема брзина“ оштетиле повеќе стамбени згради, соопшти гувернерот Александер Гусев. Во една речиси ненаселена зграда се урнало скалиште, по што 80 жители биле евакуирани. Дел од градот останал без греење и електрична енергија, 16 улици се без струја.
Независниот портал Astra објави дека оштетувањата се регистрирани блиску до електрана и хемиската фабрика Вороњежсинтезкаучук, која произведува синтетичка гума.
Во Велики Новгород, каналот Shot јави за серија експлозии, по кои избувнал пожар во еден од градските реони. Локални извори тврдат дека цел на напад биле погони на производителот на минерални ѓубрива Akron.
Руското министерство за одбрана објави дека се пресретнати 287 украински дронови низ 12 региони, бројка што претставува еден од најголемите руски пресретнати напади досега.
Најголем број биле соборени над:
- Брјанска област – 118,
- Московска област – 40,
- Калушка област – 40.
Дронови биле пресретнати и над Тула, Новгород, Јарослав, Липецк, Смоленск, Курск, Орел, Вороњеж и Рјазањ.
Последниот сличен масовен напад врз Москва се случи на 23 септември, кога рускиот систем уништи 41 дрон, при што беа нарушени над 200 летови.
Оваа операција е дел од украинската кампања за таргетирање на рафинерии, складишта и енергетски инфраструктури со цел да се ослабат руските ресурси за водење на војната. Киев истакнува дека крајната цел е нарушување на снабдувањето со гориво за руските сили и намалување на приходите што Русија ги добива од извоз на нафта.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека вакви операции ќе продолжат „сѐ додека Москва го продолжува агресивниот напад врз Украина“.
Извор: Index.hr
