Украински дронови ја нападнаа Русија, голем пожар на пристаниште

Руското Министерство за одбрана соопшти дека во текот на ноќта меѓу Бадник и Божиќ биле соборени вкупно 141 украински дрон на територијата на Русија, при што, според нивните тврдења, девет беспилотни летала биле пресретнати додека се движеле кон Москва.

Низа објави од градоначалникот на Москва

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, во текот на ноќта во повеќе наврати информираше за активности на противвоздушната одбрана. Првата објава ја објави околу 20 часот, наведувајќи дека нападот е одбиен. Подоцна, во 23:35 часот по локално време, соопшти дека силите на противвоздушната одбрана „уништиле дрон кој се движел кон Москва“.

Нешто пред два часот по полноќ, Собјанин информираше дека биле соборени четири дронови, а само 14 минути подоцна додаде дека се уништени уште два. Во сите објави тој наведуваше дека итните служби се на терен, иако Руското Министерство за вонредни ситуации не објави посебни информации за интервенции во главниот град.

141 дрон соборен низ целата земја

Според соопштението на Руско Министерство за одбрана, дроновите биле соборени во периодот од 23 часот во среда до 7 часот во четврток по московско време. Девет биле уништени над Московската област, додека најголем број – 62 дронови, наводно биле соборени над Брјанска област, која се граничи со Украина.

Последниот официјално потврден украински напад со дронови врз Москва се случи на 11 декември, кога, според руските власти, биле соборени 36 беспилотни летала, поради што московските аеродроми неколку часа го прекинаа сообраќајот.

Голем пожар во руското пристаниште Темрјук

Во истата ноќ, украински дронови ја нападнале и луката во градот Темрјук, во Краснодарски крај, каде што избувнал голем пожар. Според оперативниот штаб на регионот, се запалиле два резервоара за гориво, а огнот се проширил на површина од околу 2.000 квадратни метри.

На местото на настанот биле ангажирани околу 70 пожарникари и 18 противпожарни возила, вклучувајќи и екипи на Министерството за вонредни ситуации. Ова не е прв напад врз оваа локација во декември – луката во Темрјук беше цел и во ноќта меѓу 4 и 5 декември, кога исто така беше предизвикан пожар и материјална штета.

Нападите со дронови продолжуваат да бидат еден од клучните елементи на ескалацијата во војната меѓу Русија и Украина, со сè почести удари длабоко во заднината на двете страни.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни