Во пресрет на вчерашните мировни разговори во Москва, украинските сили изведоа серија прецизни дрон-напади врз целите на руските безбедносни структури во Чеченија. Најсилниот удар ја погоди базата на единицата „Ахмат“ во Гудермес, елитна паравоена формација лојална на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров. Експлозијата одекна вчера наутро, а снимките споделени на социјалните мрежи прикажуваат густ чад и високи пламенови кои се издигаат над комплексот.
Јавноста ги препозна „Ахмат“ како единици кои активно учествуваа на првите линии во Украина. Нападот врз нивната база доаѓа во период кога Москва се обидува да демонстрира контрола и стабилност во регионот, но ударот симболично го разнишува наративот за неприкосновеноста на чеченските сили.
Во одвоен инцидент, украински дрон го оштети и регионалниот објект на ФСБ во Ачко-Мартан. Фотograфиите од местото на настанот покажуваат искршени прозорци, делови од фасада и крш на тротоарот. Покрај тоа, еден руски танкер под национално знаме, кој превезувал масло од сончоглед кон Грузија, бил погоден во близина на турските води што претставува четврти ваков напад во само една недела. Украина, согласно својата политика, официјално не презеде одговорност за ниту еден од овие удари.
Паралелно со ескалацијата на нападите, Русија соопшти дека балистички проектил погодил индустриски комплекс во Днипро, при што, според локалните власти, животите ги загубиле четири лица, а најмалку 40 се повредени.
Во вакви услови на зголемени тензии се одвиваат и обновените дипломатски активности предводени од САД. Специјалниот претставник на Доналд Трамп, Стив Виткоф, допатува во Москва на шестиот состанок со Владимир Путин оваа година, обидувајќи се да ја заживее дискусијата за можен мировен договор. Истовремено, украинскиот претседател Володимир Зеленски е во својата прва официјална посета на Ирска, по средбата со францускиот претседател Емануел Макрон, со цел да обезбеди поцврста поддршка од европските партнери во пресрет на критичните преговори.
