Украинската разузнавачка служба: Над 25.000 руски војници дезертирале од еден воен округ

Повеќе од 25.000 руски војници и офицери дезертирале од Централниот воен округ на Руската Федерација во периодот од ноември 2024 до јули 2025 година, соопшти денес украинската Главна разузнавачка управа (ГУР), повикувајќи се на интерни руски воени извештаи.

Според ГУР, неподносливите услови за служба, малтретирањето на регрутите, недостигот од залихи и масовното испраќање на војници во т.н. „месни јуриши“ се главните причини за масовното напуштање на позициите.

„Од ноември 2024 до јули 2025 година, повеќе од 25.000 војници и офицери од Централниот воен округ – еден од петте што ја сочинуваат структурата на руската окупациона армија – доброволно ги напуштиле своите единици,“ наведува ГУР во соопштението.

Дезертирањата, велат украинските разузнавачи, се случуваат на различни начини: некои бегаат директно од бојното поле, други исчезнуваат од местата на постојано распоредување, а има и случаи кога воен персонал не се враќа од болничко лекување или одмор.

Забележани се и случаи на бегство со оружје и воена опрема. Само во изминатите месеци, забележани се повеќе од 30 такви инциденти, се наведува во извештајот.

ГУР исто така тврди дека во интерните извештаи на руската армија се користи формулацијата „неизвршување наредба“ како прикриен опис на егзекуции на војници кои одбиваат да учествуваат во фронтални напади. „Документирани се повеќе од 30 такви случаи, што укажува на системска пракса на стрелaње врз војници кои одбиваат да бидат жртвувани за амбициите на Кремљ,“ стои во извештајот.

Украинското Министерство за одбрана оцени дека овие податоци ја отсликуваат растечката морална и организациска криза во руската армија, особено во единиците што се подолг период ангажирани на фронтот во Украина.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни