Дронови со долг дострел на специјалната група „Алфа“ на Безбедносната служба на Украина (СБУ) извршија напад врз воениот аеродром Белбек во привремено окупираниот Крим, таргетирајќи руски системи за противвоздушна одбрана. Прес-службата на СБУ извести за нападот во кој беше уништена опрема вредна стотици милиони долари, пишува Украинска правда .
Според соопштението на СБУ, прецизните напади на украинските беспилотни летала погодиле два радарски системи за детекција со долг дострел „Небо-СВУ“, чија вредност се проценува на 60 до 100 милиони американски долари секој.
Радарската станица 92N6, која е составен дел од противвоздушниот ракетен систем С-400 Триумф, исто така беше погодена. Нејзината вредност се проценува на 30-60 милиони долари. На списокот на уништена опрема се наоѓа и противвоздушниот ракетен систем Панцир-С2, проценет на 12-19 милиони долари.
Исто така, погоден е и авион МиГ-31 со полн борбен товар, чија цена, во зависност од конфигурацијата и вооружувањето, се движи од 30 до 50 милиони долари.
СБУ истакна дека продолжуваат со ефикасните операции за уништување на системите за воздушна одбрана на Крим кои ги штитат клучните руски воени и логистички објекти.
