Украинските оператори на беспилотни летала соборија руски воен хеликоптер Ми-8, објави командантот на Силите за беспилотни системи на вооружените сили на Украина, објави „Киев пост“ .
Командантот првично напиша на Телеграм дека станува збор за јуришен хеликоптер Ми-28, познат како „Ноќен борец“, но подоцна беше потврдено дека бил погоден транспортен хеликоптер Ми-8.
Објавеното видео, долго околу триесет секунди, го прикажува моментот кога дронот го удира хеликоптерот, по што следува експлозија. Потоа леталото се запалило и се урнало во поле, оставајќи зад себе облак од црн чад. Точната локација на нападот не е откриена.
Руските воени блогери тврдеа дека пилотите преживеале и дека биле спасени од пешадиска единица.
Ми-28, кој Бровди го спомена во својот прв пост, е современ руски јуришен хеликоптер опремен со топ од 30 мм, наведувани и ненаведувани ракети и системи за ноќно гледање. Секој од нив чини околу 18 милиони долари. Сепак, снимките од 1-виот баталјон за беспилотни системи на 59-та бригада „Јаков Ханџук“ потврдија дека станува збор за хеликоптер Ми-8, чија вредност се проценува на повеќе од 10 милиони долари.
„Екипажот на „Балтика“ денес уништи руски Ми-8, вреден повеќе од 10 милиони долари, со беспилотно летало FPV вредно само 500 долари“, објави единицата, нагласувајќи дека успехот е резултат на координација меѓу разузнавачките служби, командата и пилотите на беспилотни летала.