Припадници на украинските Специјални сили за операции (ССО) извршиле напад врз руска нафтена платформа и воен патролен брод во Каспиското Море. Нападот се случил ноќта меѓу 18 и 19 декември, а целите биле патролно пловило и платформа за дупчење, соопшти ССО, пренесува Украинска правда.
Погоден руски патролен брод
Во соопштението се наведува дека бил погоден руски патролен брод од класата „Охотник“, проект 22460. Станува збор за модерни руски патролни пловила наменети за заштита на морските граници, патролни задачи и поморски надзор. Бродот бил погоден со повеќе дронови.
Дронови на ССО ја погодиле и нафтената платформа за дупчење на нафтено-гасното поле Филановски, која е во сопственост на руската компанија „Лукоил“.
Од платформата се црпат нафта и гас, чиј извоз придонесува за рускиот државен буџет и финансирањето на војната. Почетните резерви на ова поле се проценуваат на околу 129 милиони тони нафта и 30 милијарди кубни метри гас. Обемот на штетата и понатамошната оперативна способност на платформата сè уште се проценуваат.