Дронови со долг дострел на Специјалниот центар „Алфа“ на Безбедносната служба на Украина (СБУ) извршија напад синоќа врз рускиот воен аеродром Белбек во окупираниот Крим. Во нападот беа погодени два борбени авиони Су-27, соопшти прес-службата на СБУ, пишува Правда .
„Еден од авионите стоеше на пистата со целосна борбена опрема и подготвен за полетување. Беше уништен. Проценетата вредност на двата авиона е околу 70 милиони американски долари. Дополнително, потврдена е штета на контролната кула, што може да ја комплицира организацијата и контролата на летовите на аеродромот“, соопшти СБУ.
СБУ вели дека ова е втор успешен напад врз аеродромот Белбек во последните денови. Во напад еден ден претходно, беспилотните летала на СБУ уништија руска воена опрема вредна стотици милиони долари на истиот аеродром: два радари „Небо-СВУ“, радар 92Н6 од системот С-400 Триумф, систем за воздушна одбрана „Панцир-С2“ и авион МиГ-31 со целосна борбена опрема.
„Нападите на СБУ врз клучните воени аеродроми, како и уништувањето на непријателските авиони и системи за противвоздушна одбрана во привремено окупираниот Крим, значително го намалуваат нејзиниот воен потенцијал во регионот. Оваа систематска работа ќе продолжи“, соопшти Службата за безбедност на Украина.