Украинците ја уништуваат елитната руска дивизија кај Покровск

Откако минатиот месец, со големи загуби, зазедоа поголем дел од Покровск и соседниот Мирнохрад, руските сили повикаа засилување од својата најмоќна резерва 76. гардиска воздушно-десантна дивизија.

Откако минатиот месец, со големи загуби, зазедоа поголем дел од Покровск и соседниот Мирнохрад, руските сили повикаа засилување од својата најмоќна резерва 76. гардиска воздушно-десантна дивизија. Наместо очекуваниот пресврт, оваа „елитна“ единица сега се соочува со систематско уништување од страна на украинскиот 7. корпус, кој ѝ нанесува тешки загуби во жива сила и техника, пишува Euromaidan Press.

Според податоците на Генералштабот на Украина, само на 11 декември биле регистрирани околу 1.400 загинати и ранети руски војници. Командантот на украинските Сили за беспилотни системи, Роберт Бровди, соопшти дека најголемиот дел од тие загуби се случиле токму во судирите со 76. дивизија.

Бровди наведе дека само неговите оператори на дронови тој ден елиминирале 505 руски војници. „А останаа уште долги пет часа до крајот на денот“, иронично изјави тој. „Нивната главна резерва за Донбас е вовлечена целата 76. дивизија, ‘елитна’ воздушно-десантна формација. И тоа е токму она што сега го мелеме.“ Тој оцени дека украинските сили ќе продолжат да уништуваат по една баталјонска група дневно, сè додека дивизијата не биде борбено десеткувана.

Пет дена подоцна, на 16 декември, 7. корпус за брзо дејствување извести за уште 446 руски жртви, од кои, според соопштението, поголемиот дел биле падобранци од 76. дивизија. „Зголемувањето на загубите е поврзано со целосното ангажирање на оперативната резерва, три полка од 76. воздушно-десантна дивизија на Руската Федерација“, соопшти корпусот.

И покрај тоа што Русија располагала со свежи сили за воведување во борба, Украина веќе ги ангажирала поголемиот дел од своите резерви во успешната контраофанзива кај Купјанск, околу 160 километри северно. Недостигот од слободни единици бил една од клучните причини за падот на Покровск и Мирнохрад. Сепак, украинската команда презела ризичен потег, ја ослабила одбраната во Сумската област и ја префрлила елитната 95. воздушно-десантна бригада во Донецк, токму навреме за да му помогне на 7. корпус во борбите против руските засилувања.

Според последните информации, руските падобранци се обидуваат да напредуваат кон селото Хришине, северозападно од Покровск, но наидуваат на жесток отпор. Од 7. корпус соопштија дека одбранбените сили ги пресекуваат веројатните правци на напредување и дејствуваат со расположливите средства, особено артилерија и FPV дронови.

И покрај отпорот, состојбата останува тешка. Се проценува дека руските сили во тој регион имаат бројчена предност од дури пет спрема еден. Таа предност ја користат со тактика што украинските команданти ја нарекуваат „илјада каснувања“, метод при кој мали тимови бараат празнини во првата линија на одбраната. Прашањето што останува отворено е дали „елитната“ 76. дивизија ќе издржи во обидите да ја пробие украинската одбрана или ќе биде целосно уништена на полињата на Донбас.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни